Оштетени медицинските работници дипломирани по ноември 2015 година

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Високо образование на медицинските сестри им се признава само ако е завршено до 31.11.2015 година. Тие што го дооформиле образованието до предвидениот датум добиваат повисока плата, а тие што дипломирале подоцна – пониска.

Медицински сестри, рендген техничари, лаборанти, акушерки вработени во болниците, кои инвестирале во своето образование и завршиле факултет, се дискриминирани и не можат да добијат надоместок за повисоко образование. Во колективниот договор кој бил потпишан во 2015 година се наведува дека надоместок ќе се дава само на овие што со диплома за високо образование се стекнале до 31.11.2015 година, додека сите други што тоа го направиле подоцна, не може да остварат вакво право.

Од Независниот синдикат на скопските клиники неколкупати реагирале до Министерството за здравство и барале да се отстрани оваа ограничувачка одредба во Колективниот договор, но тоа досега не се случило.

Медицинските сестри и другите специјалности, кои се дел од оваа група, во најголем дел дополнително стекнатото високо образование со цел унапредување на својата оспособеност и знаење, го платиле со значителни финансиски средства од свој џеб. Засегнатите велат и дека Синдикатот на Клинички центар е запознаен со проблемот меѓутоа и покрај нивните писмени реакции наидуваат на ѕид од молчење.

– Медицинските сестри и другите засегнати кои не можат да го остварат своето право, од страв од реперкусии не поднесуваат претставки до судските органи надлежни за овој проблем – велат извори од Клиничкиот центар.

Анексот на договорот го потпишал поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Како датум до кога важи одредбата за добивање надоместок за високо образование е 30.11.2015 година.

Од Синдикатот на Клиничкиот центар велат дека досега и од поранешниот и од актуелниот министер барале оваа одредба да се отстрани.

– Не може да ги делите вработените и одредена придобивка да важи само за оние што завршиле факултет до одреден датум, а за другите не. Зар тие што дипломирале подоцна се помалку стручни од овие претходно? Ова е чиста дискриминација. Неколкупати до сега баравме ова прашање да се реши, но постојано одлуката и решението се пролонгира – вели д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар.

Тој објаснува дека оние што го завршиле високото образование до предвидената дата земаат околу 4.000 денари повисока месечна основната плата од другите кои дипломирале подоцна. Но треба да се земе предвид дека и сите други надоместоци се пресметуваат на основната плата, што значи дека на крај разликата меѓу платите е поголема од основните 4.000 денари.

– На некои клиники директорите бараат начин да им компензираат на овие вработени, со поставување на одговорни позиции за што исто така се добива надоместок, но тоа не е решение. Дискриминирачката одредба од Колективниот договор мора да се тргне – вели Беговиќ.

Како што беше соопштено во 2015 година, анексот на Колективниот договор требаше да овозможи сите здравствени работници со завршено високо образование (медицински сестри, рендген техничари, физиотерапевти, лаборанти итн.) да добијат додаток на платата, како вреднување на стекнатото образование и стимулирање на овие здравствени работници во насока на целокупно унапредување на работниот процес. Анексот го потпишаа тогашниот министер за здравство Никола Тодоров и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот