Општините трошат илјадници евра: Имаат правни сектори, но во сложени судски постапки ги бранат адвокати
Ангажирањето адвокати овозможува подобра заштита на интересите на Општината и намалување на ризикот од правни компликации, објаснуваат од Аеродром на прашањето зошто се плаќаат дополнителни средства за адвокатски услуги и покрај редовно вработените во правната служба.
Општините иако имаат правни сектори со повеќемина вработени, ангажираат адвокати со искуство за да ги застапуваат во сложени судските процеси, каде што ги штитат нивните интереси. Од Општина Аеродром велат дека правната служба не може да ги врши постапките каде треба специјализирано знаење или големо искуство.
Правната служба во рамките на Општината ги врши основните и секојдневните правни активности, каде што не се бара задолжително застапување од адвокат или лице со положен правосуден испит, но за сложени правни случаи или постапки што бараат специјализирано знаење или поголемо искуство, се смета дека е поефикасно и посигурно да се ангажираат адвокати со релевантна експертиза. Ова овозможува подобра заштита на интересите на Општината и намалување на ризикот од правни компликации – објаснуваат од Аеродром на прашањето зошто дополнително се ангажираат адвокати наместо правната служба да ги врши тие услуги.
Податоците од истражувањето што го направи Центарот за граѓански комуникации, покажа дека по различни основи во сите општини во државата се исплатени повеќе од еден милион евра за адвокатски услуги. Само скопските општини исплатиле неколку стотици илјади евра на адвокати за правни услуги, за трошоци по извршни исправи и за плаќања по судски решенија. Град Скопје минатата година исплатил најмногу, 214 илјади евра на вкупно 106 адвокати, чии услуги користел или морал да ги исплати. На второ место според најголема исплата кон адвокати е Општина Гази Баба, од чиј буџет во 2023 година се одлеале 123 илјади евра за оваа намена.
Притоа најмногу пари наплатил адвокатот Влатко Ристовски од Скопје, речиси 103 илјади евра од општините Гази Баба и Карпош. Во оваа сума Општина Карпош учествува само со 2500 евра. На второто место е адвокатката Билјана Панова, која од Град Скопје наплатила повеќе од три милиони денари или 49 илјади евра.
Веднаш по објавувањето на ова истражување, реагираа од Општина Гази Баба со објаснување дека немаат склучено договор за професионално ангажирање на адвокатот Влатко Ристовски и дека исплатените средства кон него не се за адвокатски услуги, туку по основ на побарувања со правосилна пресуда од фирмата „Адонис“ во износ од 6.152.377 денари.
Финансиските средства се исплатени на Адвокатската канцеларија врз основа на склучен договор за отстапување на побарување, кој е склучен на 16.2.2022 година, во кој Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги „Адонис“ ДООЕЛ Скопје како отстапувач, го пренесува целокупното побарување што го има спрема Општина Гази Баба на адвокатот Влатко Ристовски од Скопје, како примач – објаснуваат од Гази Баба.
Оттаму додаваат дека во изминатиот период имаат ангажирано адвокат, како правен застапник пред надлежните институции, со цел да ги брани и да ги застапува интересите на Општината за предмети што се однесуваат за постапување на Општината пред октомври 2021 година, а дека средствата кон него се исплаќаат во согласност со тарифник за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите во Република Македонија.
За градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, неопходно е ангажирањето на адвокати што ги застапуваат интересите на локалните самоуправи во судските процеси.
Точно е дека имаме ангажирано правен тим, ние имаме по неколку илјади предмети на годишно ниво што се решаваат и не смееме како луѓе што се одговорни, кои ги водат општините, да дозволиме во процесите да немаме застапник и да немаме некој што ќе се бори за општината, што ќе ја застапува, за општината да го добие случајот – вели Ѓорѓиевски, кој во врска со тоа дали смета дека општините премногу трошат за адвокати, посочи дека верува дека сите градоначалници рационално раководат со средствата, што се покажало во изминатиот период преку реализација на многубројни проекти.
Законот за јавни набавки не предвидува набавка на услуги на адвокати, а повеќето општини немаат ниту процедура за избор на адвокат, па ги избираат врз основа на угледот и искуството, врз основа на стручноста во некоја област, по препораки, по слободен избор, или тоа е избор на градоначалникот.
Во Општина Аеродром, на пример, велат дека изборот го прават според законските одредби.
Изборот на адвокат или адвокатско друштво се врши во согласност со законските регулативи. Вообичаено се земаат предвид нивното искуство, референци и експертиза во специфичната област. Целта е да се обезбеди најдобар квалитет на услуга во рамките на достапните финансиски средства. Овој пристап е во насока на оптимизирање на трошоците и зачувување на интересите на граѓаните – велат од Аеродром.
Во однос на прашањето за какви услуги најчесто се ангажира адвокат од Општината, тврдат дека тоа се прави само кога е потребно да се обезбедат специфични правни услуги, кои не можат целосно да се покријат од внатрешните ресурси. Моментално тие користат услуги од еден адвокат и од едно адвокатско друштво.
Ова вклучува сложени судски постапки, застапување пред судови или институции, односно за постапки што бараат експертиза надвор од доменот на општинската правна служба, како и задолжително застапување од адвокат во согласност со позитивните законски прописи. Општината во моментов има ангажирано еден адвокат, кој ја застапува пред надлежните судови или институции, како и едно адвокатско друштво, кое е ангажирано во текот на 2019 година, кое е ангажирано исклучиво за водење започнати судски постапки во периодот на ангажман, а кои сѐ уште не се правосилно завршени – истакнуваат од Општината.