Општина Тетово не ги заловува кучињата-скитници, биле вознемирени од гужвите и пукањето петарди

Фото: Слободен печат

Тетовските улици станаа хорор за граѓаните. Секој ден полицискиот билтен е полн со пријави за напади на граѓани од бездомните кучиња. Вчера беа регистрирани три такви напади, а ваквите инциденти се во многу поголем број, со оглед на тоа дека не сите ги пријавуваат.

53-годишната М.З. од селото Бродец вчера во СВР Тетово пријавила дека на улица „Иво Лола Рибар“ била касната од куче-скитник.На истата улица бил каснат и 46-годишен тетовец. В.А (53) од Тетово исто така пријавила дека на улицата „Тодор Циповски-Мерџан“ била касната од куче-скитник.

Од Општина Тетово за „Слободен печат“ велат дека во рамки на проектот на „Амос Шелтер” за заловување и третман на бездомни кучиња, досега се заловени 42 кучиња, а дел од нив се веќе згрижени кај семејства. Според проектот, треба да се заловат вкупно 82 кучиња, но во моментов акцијата мирува.

„Периодов имаше краток прекин на акцијата поради новогодишните празници, кога доаѓаат и исселениците, па раздвиженоста низ улиците е зголемена, а со тоа и вознемиреноста кај кучињата. Овој период се фрлаат и петарди, а се користи и друга пиротехника, па тоа оневозможи акцијата да тече непречено.Се планира следниов период да се продолжи со проектот и со нови заловувања“, велат од Општина Тетово.

Што ќе следува понатаму, дали продолжување на договорот или негов прекин, дополнително ќе се разговара и одлучува, додадоа од општината.

Оттаму не добивме одговор до каде се најавите околу третирањето на бездомните животни од страна на волонтери, со кои се се пофали градоначалникот на Тетово Билал Касами.

Инаку, бројот на пристигнати барања од граѓани до Општина Тетово согласно Правилник за утврдување на висина и исплата на надоместок за штета од каснување од бездомни кучиња изнесува 38. Повеќето од нив се од 2022 година. Барањата сѐ уште се разгледуваат и постапката е во тек, велат од општината.

Таа минатиот месец го објави Правилникот. Целта е, како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.

Граѓаните ваквата најава ја оценија како несериозна и како што посочуваат „Поените“ не го решаваат проблемот со кучињата-скитници во Тетово, а во меѓувреме
низ улиците глутници напаѓаат луѓе секој ден.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој е нов претседател на Центарот за развој на полошкиот плански регион, неодамна изјави дека само со регионален пристап ќе може да се реши проблемот со кучињата скитници во полошкиот регион.

Како можна локација за Регионален центар за згрижување на кучиња скитници од целиот полошки регион е посочена општината Врапчиште. Но засега ова е само идеја, конкретни чекори на терен нема.

Тетовка низ град оди само со ултразвучен апарат за заштита од кучиња, трауматизирана од напад од куче се тужи со Општината

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот