„Поените“ не го решаваат проблемот со кучињата-скитници во Тетово, низ улиците глутници напаѓаат луѓе секој ден

Фото: Слободен печат

Бројот на кучиња скитници низ тетовските улици се зголемува, пријавите во полицијата за напади врз граѓаните растат. Неделава секој ден во полицискиот билтен има пријави за напади врз луѓе од бездомни животни.

Вчера 27-годишна тетовка пријавила дека била нападната од куче скитник во тетовската населба Блок 70, завчера 32- годишна скопјанка исто била нападната од бездомно животно.

Но, и претходните денови билтените беа со вакви содржини.

Реалноста на терен е уште пострашна, ако се земе предвид дека не сите граѓани ги пријавуваат нападите од бездомните животни

Проценките се дека во градот има над 500 улични кучиња. Моментално Општина Тетово со здружението „Амос“ има потпишано договор да се згрижат 83 кучиња скитници, а градоначалникот на Тетово Билал Касами неодамна изјави дека и на волонтерска основна за кратко ќе започнат активности за третирање на овие бездомни животни.

Но, до каде се ваквите најави и дали со здружението „АМОС“ завршил договорот за згрижување на кучиња и колку има згрижено, до Општина Тетово „Слободен печат“ испрати прашање преку електронска пошта, но одговор не добивме.

Засега властите очигледно проблемот со кучињата го решаваат со најави и предлози, а минатата недела од општината објавија и Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња. Целта е како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.

Граѓаните ваквата најава ја оценија како несериозна.

„Наместо да се зафати општината со сериозно решавање на проблемот, таа објавува правилници ако те касне куче скитник. Треба превентивно да делува, да не те касне да ги згрижи кучињата и да нема на улица кучиња скитници. Народот не сака пари, сака општината да го реши проблемот, оти безбедноста и здравјето е пред се, ова што се прави во градот е трагикомедија“, вели еден тетовец.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој е нов претседател на Центарот за развој на полошкиот плански регион, неодамна изјави дека само со регионален пристап ќе може да се реши проблемот со кучињата скитници во полошкиот регион.

Како можна локација за Регионален центар за згрижување на кучиња скитници од целиот полошки регион е посочена општина Врапчиште. Но засега ова е само идеја, конкретни чекори на терен нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот