Околу 90 километри од скопскиот водовод уште е со азбестни цевки

Фото: МИА

Уште околу 90 километри од водоводната мрежа во Скопје е поврзана со азбестни цевки. Водата низ ваквите цевки, според информациите од ЈП „Водовод и канализација“, тече главно низ периферните делови во градот. Останатите, од вкупно 1204 километри долгата градска водоводна мрежа, се заменети со цевки од материјали отпорни на влијанието на почвата и сообраќајот.

Од јавното претпријатие објаснуваат дека цевките се заменуваат при дотраеност или при дефект и тврдат дека тоа што скопската вода во одредени делови тече низ азбестни цевки, не е ризик за здравјето на граѓаните.

– Многу мал дел од водоводната мрежа во Скопје, некаде околу 7-8 отсто, е со азбестни цевки во периферните делови на градот. Азбестните цевки се заменуваат доколку се појави некоја потреба за тоа, односно доколку се појави дефект, бидејќи тие не претставуваат ризик по здравјето на граѓаните. Во светот и во Европа сѐ уште има градови каде над 50 отсто од мрежата е со азбестни цевки – тврдат од „Водовод и канализација“.

На веб-страницата на претпријатието има објаснување дека досегашните истражувања извршени од Светската здравствена организација покажуваат дека азбестно-цементните цевки не се штетни по здравјето на луѓето затоа што самата цевка е обвитката со цементно млеко кое пружа заштита.

ЈП „Водовод и канализација“ од 1989 година повеќе не користи вакви цевки при изградба и реконструкција на водоводната мрежа, а во изминативе години се настојува постепено да се заменат азбестно-цементните цевки, каде најчесто настануваат дефекти на мрежата. Според објавените податоци, само во периодот од  2008 до 2013 година рекунструирани се 84 километри од постојната водоводна мрежа.

Во Програмата за работа и развој во 2021 година се наведува дека претпријатието планира  замена на старите и дотраени водоводни мрежи со нови дуктилни и полиетиленски мрежи, но не е прецизно наведено за колкав дел од водоводната мрежа станува збор. Во Инвестиционата програма пак, годинава за  реконструкција на постојните цевки се предвидени 95 милиони денари.

– Врз основа на плановите за работа доколку се појави потреба за замена на цевките, тие ќе бидат заменети – кусо одговараат од претпријатието.

Азбестот како материјал поседува одредени позитивни својства какви што е резистентност на високи температури, отпорност на корозија, хемиска отпорност, еластичност и друго, па токму затоа во изминатите 50 години бил еден од најупотребуваните материјали во градежништвото. Материјалите кои содржат азбест, според истражувањата, се опасни за здравјето при шмирглање, сечење, односно при нивното одржување или отстранување, затоа што азбестните влакна се таложат во организмот на човекот и доведуваат до сериозни заболувања.

Нордиските земји ја забранија употребата на азбестот во периодот од 1970 до1980 година, во 1993 година тоа го направи и Германија, а од 2005 година е забранета употребата на производи што содржат азбест во земјите од Европската Унија.

И покрај тоа што од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека азбестните цевки не се штетни за здравјето, скопјани ќе бидат многу поспокојни кога водата што ја пијат веќе нема да тече низ ваквите цевки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот