„Огнената група“ се избори за малку повеќе демократија во ДУИ, коментира Имер Селмани

Поранешниот министер за здравство Имер Селмани / фото: официјална фејсбук-страница

Поранешниот министер за здравство Имер Селмани, кој последниве години настапува во јавност како политички аналитичар, вечерва ги коментираше последните случувања во Демократската унија за интеграција (ДУИ) и превирањата во владејачката партија, предизвикани од таканаречената „огнена група“ од незадоволни членови.

По десетина дена препукувања преку медиумите, но и средби со лидерот Али Ахмети на „огнените“ кои бараат да си оди вицепремиерот Артан Груби и други актуелни функционери, денеска тие се обидоа да демонстрираат единство и заедно со Ахмети соопштија дека се договориле да се организираат избори за ново партиско претседателство.

Селмани смета дека епилогот од денешната средба во Мала Речица е тоа што ќе се отвори малку поголема дебата и ќе се воведе малку повеќе демократија во редовите на партијата, што беше и едно од барањата на незадоволните членови и поранешни функционери-ветерани од ДУИ.

„Адресирано беше кон Ахмети, бидејќи факт е дека ДУИ веќе неколку години функционира со половични тела. Се најде решение со него и решението по сѐ изгледа било во рацете на Ахмети. Мислам дека допрва на нив им претстои „огнена“ дебата во редовите откако ќе се формираат телата, дали испорачале соодветни резултати, како што ветувале во предизборието. Факт дека ДУИ изгуби во Тетово и Гостивар, а за тоа јавно никогаш не дебатирале. Останува само Скопје и со вакво незадоволство од страна на ограноците во Чаир и Сарај, ДУИ ризикува да го изгуби. Сето тоа не го гледам од призма на тој што добива внатре. Добро е да се дебатира внатре во партијата, со тоа ќе има поголема дебата и во јавноста. Тоа е добро и за јавноста и граѓаните. Не е добро кога сите аплаудираат на лидерот“, рече Селмани во вечерашното гостување во емисијата „24 отворено“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот