Официјално: Ристовски е нов фудбалер на Динамо Загреб

Фото: gnkdinamo.hr

Како што и се најавуваше, тоа денеска доби потврда, македонскиот репрезентативец е нов играч на Динамо Загреб. Стефан Ристовски ќе му биде соиграч на Аријан Адеми (капитен на хрватскиот клуб) со кој исто така заедно настапува во нашата А селекција и со која успеаја лани да направат историски успех, со пласманот на Европското првенство.

Ристовски кој досега ги бранеше боите на Спортинг Лисабон, потпиша повеќегодишен договор со „модрите“.

Во соблекувалната ќе го пречекаат и некои стари познаници, поранешни соиграчи од Риека, Марио Гаврановиќ, Марин Леовац и Јосип Мишиќ. Покрај тоа, со Мишиќ играше заедно и во Спортинг.

Ристовски инаку ќе биде петтиот македонски фудбалер во историјата на Динамо, после Васил Рингов, Гоце Седлоски, Аријан Адеми и Сашко Пандев.

– Горд сум и среќен што сум играч на Динамо. Големо задоволство и чест е да се потпише договор за клубот кој има освоено најмногу првенства во Хрватска и кој редовно учествува во УЕФА натпреварувањата, со голем успех и значителни резултати. Сите знаеме каков е угледот на Динамо и овде и во странство. Го познавам капитенот Адеми кој е мој соиграч во репрезентацијата, а има и неколкумина мои поранешни клупски соиграчи. Сигурно тој факт ме прави уште посреќен.

Имам претходно искуство со играње на противничката страна, а сега ќе дадам сè од себе во дресот на Динамо и се заблагодарам на управата на клубот за довербата и да го покажам нивниот квалитет. Среќен сум и се радувам на сè што е пред мене и моите соиграчи – рече Ристовски по потпишувањето на договорот на стадионот „Максимир“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот