ОДЛУКА НА СУДИЈА НАПРАВИ ХАОС ВО ХРВАТСКА: Бара заштита од полицијата бидејќи дозволи пет силувачи да се бранат од слобода

Задар/Фото: Профимедиа

Судијата од Кривичното одделение на Жупанискиот суд во Задар, Иван Марковиќ, побара заштита од полицијата поради заканите кои започнале да му пристигнаат, откако се најде во центарот на вниманието на хрватската јавност. Судијата се наиде на силни критики поради тоа што дозволи пет момчиња кои се осомничени за групно силување на 15-годишна девојка да се бранат од слобода, објавуваат медиумите.

Случајот стигна во судот во Задар откако полицијата поднесе кривични пријави против пет момчиња на возраст од 17 до 19 години под сомниение дека во период од една година во повеќе наврати силувале тогаш 15-годишна девојка.

Судијата откако ги земал во предвид околностите на случајот, утврдил дека нема опасност обвинетите силувачи да го повторат делото и да бидат опасни за жртвата, а според него биле доволни мерки за претпазливост кои забрануваат приоѓање на жртвата, комуникација со неа, и задолжително пријавување во полиција.

Со одлуката, судијата предизвика силни реакции, кои освен во јавноста, се водат и на социјалните мрежи. Во вторникот на Фејсбук се појавија објави со имињата на момчињата кои го сториле делото, иако станува збор за полнолетни мажи чиј идентитет е заштитен со закон. На некои профили се појави и името на жртвата.

Овој случај беше и главна тема на денешната седница во хрватското Собрание. Пратеникот Хрвоје Зекановиќ од партијата Храст рече од говорницата дека запрепастувачки е фактот што група на момчиња речиси една година силувале, уценувале и снимале најразлични одвратни работи кои ги правеле на 15-годишното девојче, притоа живееејќи ги мирно своите тинејџерски денови, без малку грижа на совест што уништуваат еден живот.

– Овде не е силувана само една жена, тука се силува цела земја – порача Зекановиќ.

Други пратеници отворија прашања за работата на судот, но и за состојбата во која се наоѓа хрватското општество, за која според независниот пратеник Бојан Главашевиќ, сите се одговорни.

– Мораме да се запрашаме какво е ова општество што создало ваква група на мажи, кои си го земале правото сексуално да се изживуваат над девојката, притоа да и ја одземат младоста, достоинството, менталното и физичкото здравје. Вистината е болна – рече Главашевиќ.

За состојбата во хрватскиот парламент говори и реакцијата на пратеникот Иван Пернар од партијата Жив ѕид, кој беше исфрлен од салата бидејќи не сакаше да престане да зборува за состојбата на правосудството за време на утврдување на дневниот ред, без да ги прекрши правилата на Правилникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот