Од болница директно во спикерското столче: Конститутивната седница на Собранието ќе ја води Талат Џафери

Конститутивната седница на Собранието која е планирана да се одржи на 4 август ќе ја води собранискиот спикер во заминување Талат Џафери, велат собраниски извори за Слободен печат. Дилемата, кој ќе заседава со седницата, дали Џафери или пак најстариот пратеник во новиот собраниски состав, се отвори откако во јавноста беше објавено дека поради здравствени проблеми спикерот во заминување е хоспитализиран на Инфективната клиника заради пневмонија.

По неколкудневниот болнички престој здравствената состојбата на Џафери била стабилна и останува во болница бидејќи му треба одмор, информираа од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Дека Џафери се чувствува подобро, објави и високиот партиски функционер Бујар Османи кој заедно со својот сопартиец Неџати Јакупи го посетија во болница. Османи објави фотографија на својот фејсбук профил заедно со Џафери кој лежи во болнички кревет, а под која напиша: „Наш борец, секогаш борец“.

Со симптоми на Ковид-19, Џафери примен на Инфективна клиника

Конститутивната седница ќе се одржува во вонредни услови поради коронавирусот. Од Собранието велат дека Комисијата за заразни болести, предводена од епидемиологот Жарко Караџовски го одобриле собранискиот план за конститутивната седница. За првпат конститутивна седница ќе се одржува во Големата сала со Купола бидејќи само таму ќе може да биде испочитувани здравствеите протоколи поради заразата од Ковид 19. Ќе биде обезбедено потребното растојание помеѓу новите пратеници но и собраниските служби, новинарите и гостите. Пред нејзиното одржување Собранието ќе биде целосно дизинфицирано, а на секој што ќе влезе во зградата ќе му биде измерена температура.

Се очекува по конститутивната седница новиот собраниски состав да ги изгласа и новите протоколи и начинот на работа на Собранието заради заштита од заразата. Во услови на пандемија народните избраници најверојатно ќе треба да изгласаат и измени во собранискиот Деловник бидејќи поради заштита, можно е одржување на седници на далечина, за што се потребни обезедување на технички предузлови кои во моментов Собранието ги има само делумно.

Првично беше планирано конститутивната седница да се одржи на 30 јули, но поради закрепнувањето на Џафери таа сепак ќе се одржи на 4 август. Во македонскиот Устав пишува дека новоизбраниот состав на Собранието се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот