Од бездомник до најопасен човек на планетата (ВИДЕО)

Франсис Нгану изминатиот викенд уште еднаш потврди дека е еден од најопасните луѓе во октагонот, продолжувајќи ја серијата на импресивни нокаути во УФЦ шампионатот.

Последна негова жртва е Бразилецот Жуниор дос Сантос кој е нокаутиран за само 70 секудни на УФЦ спектаклот во Минеаполис. Нгану побара од претседателот на УФЦ, Дена Вајт да му овозможи следната борба да му биде за титулата во тешка категорија.


Борецот кој потекнува од Камерун изгледа навистина застрашувачки, тој е висок 194 сантиметри и има 115 килограми, но неговите движења во октагонот се како за борец од пониските категории.

Франсис Нгану и официјално е сопственик на најмоќниот удар на планетата, со регистрирани 129.000 единици на мерењето одржано во Институтот на УФЦ во Лас Вегас. Неговиот удар е за 15.000 единици помоќен од претходниот рекордер Тајрон Спонг.

Иако сега се наоѓа на врвот, до пред пет години животот на Франсис Нгану беше исполнет со секојдневна борба за преживување.
Тој пред пет години беше еден од илјадниците емигранти од Камерун кој спиеше на улиците низ Париз. Иако животот на бездомниците во Париз изгледа навистина тешко, Нгану вели дека има и потешки работи, на пример неговото детство во Камерун. Популарниот „Предатор“ иако сега живее во луксузен стан во Лас Вегас, не го заборава очајот од детството кое го натера да дојде до еден од најдобрите и најопасните борци на денешницата.

– Ова не значи ништо, мислејќи на својот луксузен дон. Јас не можам да си дозволам ова да ми биде доволно, јас сакам нешто големо, најголемо и затоа не смеам да запрам – вели Франсис Нгану.

Иако никогаш не покажува страв во октагонот, Нгану кога зборува за тешкото детство, тој се губи во погледот, подголтнува и тешко зборува. Нгану течно зборува три јазици, но има огромен проблем да одговори на прашањето „Какво ви беше детството во Камерун“?. Неговото родно село Бата во Камерун го нарекуваат „песочно село“ бидејќи сите селани живееја од продажбата на песок.

– Во Камерун децата имаат големи проблеми. Тие мислам дека е се загубено. Мислам дека не им е дозволено ниту да сонуваат. Тие се принудени да прифатат да бидат жртви на сопствените животи – вели Нгану.

Неговите родители се развеле кога тој имал шест години и оттогаш почнал да живее во домовите на роднините заедно со својата мајка, тројцата браќа и сестра му.
– Децата со кои живеев никогаш не ме оставаа на мир, постојано ме малтретираа. Викаа дека сум од лошо семејство и секогаш ме потсетуваа дека сум странец во нивните куќи – зборува Франсис Нгану.

Токму тешкиот живот на неговата мајка која работеше скоро по 20 часа за да може да ги прехрани своите деца, го мотивира малиот Френсис Нгану да направи нешто од својот живот. Бидејќи од својата шеста година година се замнимава со физички работи, а е висок и силен, тој одлучи да се занимава со бокс.

– Секогаш кога ми е тешко на тренинзите и кога ќе помислам да се откажам, само ја замислувам мајка ми дека е болна и нема пари за да се лекува во Камерун. Јас се борам не само за неа, туку и за животите на своето семејство кое остана во Камерун – зборува Нгану.

Тој на 12 години започна секојднавна работа и тоа како собирач на песок, а во деновите кога требаше да одмора, тој работеше во каменолом. По една деценија физичка работа во Бата, Франсис на 22 години одлучува да замине во најголемиот град во Камерун, Дуала, и започнува да работи како физички работник. Конечно, на 22 години, тој почнува да тренира бокс. Преку ден работите, тренираше приквечер и навечер повторно работеше, но по неколку години одлучи да замине во Франција.

– Луѓето ми зборуваа: ти мислиш дека Европа е како во рајот. Е не е рај. А, јас ќе одговорев, мене не ми треба рајот, јас сакам да се борам и ќе се борам за се што сонувам – се потсетува „Предаторот“ кој на првиот ден во Париз научи три работи, каде да јаде, каде да спие и каде да тренира бокс. Дневната рутина му беше  да оди во разни делови од Париз и да бара боксерски клубови. Кога ќе влезеше, секаде зборуваше идентично: „Сега се доселив во Париз, немам каде да спијам и немам пари. Но не дојдов да просам, сакам само да тренирам бидејќи еден ден ќе станам светски шампион“.


Набрзо Нгану најде тренер кој му дозволи да тренира и да спие во салата.

– Немав завои за рацете, немав гума за заштита на забите, ништо немав но се грижев. Само сакав да почнам со борбите – се потсетува Нгану.

Наскоро кога доби шанса да влезе во боксерскиот ринг, тој доби понуда и да влезе во светот на мешаните боречки вештини (ММА). По 5-6 лесни победи во ММА, тој доби понуда да стане дел од најмоќната промоција, УФЦ. „Предаторот“ веднаш го потврди епитетот на најопасен човек на планетата, а во последниот меч против Дос Сантос покажа дека е подготвен по втор пат да ја нападне титулата во тешка категорија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот