Оценувањето на далечина „помина со петка“

Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Повеќето наставници, но и родители го сметаат за успешно првото тримесечје со онлајн настава, кое е „заклучено“ и со оценувањето на далечина. Иако периодот за оценување на основците и на средношколците, за разлика од минатите години кога учебната година почнуваше на 1 септември, беше покус, оценките се формирани заклучно со 20 ноември.

Иако имаше можност дел од учениците за кои наставникот ќе смета дека е потребно да се оценат „во живо“ да бидат повикани во училиште, во најголемиот дел од училиштата оценувањето беше онлајн.

– Сите ученици се оценети. Ставивме оценки, одржавме совет, а во текот на неделата ќе имаме и родителска средба преку платформата Тимс. Ќе им бидат испратени евидентни листови за оценките на учениците. Оценувањето во најголем дел помина онлајн – вели наставничката по македонски јазик Билјана С. Дивјаковска.

Дивјаковска додава дека повеќето ученици интернетот веќе почнале да го користат и како извор за дополнително истражување на темите од наставата.

– Презадоволни сме од учениците, активни се на часовите, интернетот им помага во текот на часовите, истражуваат, редовно ги извршуваат обврските – задоволна е Дивјаковска.

Учениците што немаат технички уреди, наставата ја следат на ТВ-екраните или наставниците им испраќаат печатени материјали. Тие биле оценувани преку тестови, кои ги одговарале дома.

– Најважно е здравјето, затоа не се инсистираше на оценувањето во живо – заклучи Дивјаковска.

Состојбата е слична и во дел од средните училишта во земјава. Елвира Мустафа, професорка по етика и филозофија во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, исто така е задоволна од тоа како поминало онлајн оценувањето.

– Самиот процес на оценување, најмногу зависи од пристапот на наставникот, односно како тој тоа ќе го организира и реализира. Главно, задоволни сме од одговорите на учениците – истакна Мустафа.

Нормално е дека проверката на знаењето „во живо“ би била пореална, но додека вирусот се шири со ова темпо, подобро е учениците да бидат оценети исто како што ги слушаат предавањата, на далечина – смета Дејан Велков, родител на ученик од шесто одделение во Основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје.

– Вирусот е опасен, ситуацијата не е добра за никого. Моето дете го помина процесот на онлајн тестирање и можам да кажам дека помина добро. Сега е најважно да се намали ризикот од заразата – додаде Велков.

Оценувањето на овој начин мора да продолжи барем до крајот на оваа година, смета друг родител, кој сакаше да остане анонимен, а чиј ученик е средношколец што следи онлајн настава.

– Мораме да продолжиме со оваа динамика најмалку до крајот на оваа школска година, иако никој не знае како ќе биде и следната. Најголем императив треба да е здравјето на децата – вели овој родител.

Царовска: Распустот ќе трае од Нова година со 21 јануари

Бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко присуство во целата држава е помалку од 1 процент, па затоа барањето на опозицијата за предвремен зимски распуст се неоправдани, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.

– Во моментов, активни ученици со физичко присуство се 79, што е 0,06 проценти од вкупниот број ученици, и 148 наставници до вчера, што е помалку од 1 процент од вкупниот број наставници во нашата држава. Ова се факти што зборуваат дека интерно ширење на вирусот во училиштата нема, дека образовниот систем е стабилен и училиштата ги почитуваат мерките и здравствените протоколи. Токму затоа продолжуваме да го спроведуваме Планот од Владата за учебната 2020/2021, според кој второто полугодие ќе почне на 21 јануари, а на крајот на годинава ќе заврши првото полугодие – рече Царовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот