Илустративна фотографија на преглед на куче кај ветеринар / Фото: Pexels

Нова болест откриена кај кучиња во САД: Ја пренесуваат крлежи и може да претставува ризик за луѓето

Нова, досега непозната болест е откриена кај кучиња во САД, а ја пренесуваат крлежи. Научниците предупредуваат дека овој патоген потенцијално може да биде опасен и за луѓето. Неколку кучиња веќе починале по инфекција од новооткриената бактериска болест од истиот род што е одговорен за т.н. „пегава треска“. Истражувачите внимателно ја следат ситуацијата, а своите резултати ги објавија во списанието „Емерџинг инфекшс дизисис“.

Научниците од Државниот универзитет на Северна Каролина успеале да ја изолираат инфекцијата кај болно куче кое имало симптоми слични на пегавата треска, болест што се пренесува со каснување од крлеж. Кога бил секвенциониран геномот на бактеријата, било утврдено дека се работи за сосема нов вид – наречен рикеција фини, по кучето Фини, во чии крвни примероци била откриена.

„Првпат ја регистриравме оваа нова Рикеција во серија случаи во 2020 година, кај три кучиња. Оттогаш примивме уште 16 примероци од кучиња, претежно од југоистокот и Средниот Запад, кои биле заразени со истиот патоген“, вели истражувачката Барбара Кроло од Државниот универзитет на Северна Каролина.

Инфекциите предизвикани од овој тип бактерии можат да доведат до умерени до тешки симптоми – висока температура, летаргија и намален број тромбоцити. Повеќето кучиња се опоравиле по третман со антибиотици, но едно починало пред да биде поставена дијагноза, а друго било евтаназирано. Забележан е и случај на повторна инфекција која завршила со нефротски синдром.

Пегавата треска е една од највирулентните бактерии од родот рикеција, но постојат повеќе од дваесет видови, од кои неколку можат да предизвикаат болест кај цицачи. Благодарение на напредните молекуларни техники, сѐ повеќе од нив се идентификуваат во последните децении.

Иако кучињата и луѓето не се основни домаќини на рикеција, тие можат да бидат случајни преносители, особено во региони каде нивните живеалишта се преклопуваат со живеалиштата на крлежите.

„Рикеција бактериите тешко се одгледуваат во лабораторија бидејќи растат само во клетки на други организми, но тоа е единствениот начин сигурно да се утврди видот“, објаснуваат истражувачите.

Во лабораториски услови, рикеција фини успеала да опстане во имуниот систем на кучиња повеќе од 104 дена, што укажува дека домашните миленици може да служат како резервоар на инфекција.

Иако сѐ уште не е утврдено кој точно вид крлеж ја пренесува, научниците се сомневаат во т.н. „осамена ѕвезда“, бидејќи во Оклахома е пронајдена ДНК од рикејција фини кај овој вид.

Географската распространетост на овој крлеж се поклопува со подрачјата од кои потекнувале заболените кучиња, што дополнително ја зајакнува оваа претпоставка.

Истражувачите предупредуваат дека доколку патогенот може да преминува меѓу различни видови, важно е навремено да се идентификуваат сите можни домаќини за да се спречи потенцијален ризик за луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот