Нов тест на крвта открива кој орган најбрзо старее и предвидува болести

Profimedia
Фото: Профимедиа

Крвта може да ви покаже кој орган во вашето тело старее најбрзо, покажува нова студија.
Тестовите би можеле да помогнат да се утврди кој има поголем ризик да ја развие болеста во одреден орган во рок од 15 години, открија американските истражувачи, пишува „Гардијан“.

Тие би можеле да го предвидат напредувањето на состојба како Алцхајмеровата болест и да им помогнат на луѓето да се лекуваат пред да се разболат.

– Можеме да ја процениме биолошката старост на органот кај наизглед здрава личност. Ова за возврат, го предвидува ризикот од болеста која е поврзана со тој орган – рекол професорот Тони Вис-Корај од Универзитетот Стенфорд.

Студијата, објавена во списанието „Нејчр“ (Nature), користела вештачка интелигенција во проценката на нивоата на протеини во крвта со помош на тестот.

Се фокусирале на 11 клучни органи, системи на органи или ткива, вклучувајќи ги мозокот, срцето, белите дробови, бубрезите, црниот дроб, панкреасот и цревата, како и имунолошкиот систем, мускулите, мастите и циркулаторниот систем.

За да го обучи својот алгоритам, тимот ги проверил нивоата на речиси 5.000 протеини во крвта на 1.398 здрави пациенти во Центарот за истражување за Алцхајмерова болест „Најт“.

Тие биле на возраст од 20 до 90 години, но најмногу биле на средовечна возраст или постари.

Истражувачите ги означиле сите протеини чии гени биле четири пати повеќе во еден орган отколку во друг.

Истражувачите пронашле 858 протеини специфични за органите и го обучиле алгоритамот врз основа на нив да ја погоди возраста на личноста. Така, тимот успеал да го тестира алгоритамот на вкупно 5.676 пациенти во пет групи.

Речиси 20 отсто од пациентите покажале „силно забрзано стареење“ на еден орган, додека 1,7 отсто покажале стареење на повеќе органи. Истражувачите велат дека забрзаното стареење на органи носи од 20 до 50 отсто поголем ризик од смртност.

Оние со забрзано стареење на срцето имале 250 отсто поголеми шанси да имаат срцева слабост (инсуфициенција), додека забрзаното стареење на мозокот и на крвните садови можело да ја предвиди прогресијата на Алцхајмеровата болест подобро од најдобриот во моментот биомаркер заснован на крвта.

– Ако можеме да го репродуцираме ова откритие кај 50.000 или 100.000 поединци, тоа ќе значи дека со следење на здравјето на поединечните органи кај очигледно здрави луѓе ќе можеме да најдеме органи кои се подложени на забрзано стареење во човечките тела и ќе можеме да ги лекуваме луѓето пред да се разболат – изјавил професорот Вис-Корај.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот