„Нокдаун“ за Макрон: Сите против убедливата Ле Пен

Марин Ле Пен / Фото EPA-EFE/Cuenta Oficial Marine Le Pen en

Екстремно десничарскиот Национален собир (НС) предводен од Марин Ле Пен постигна уште една победа и сега е на добар пат кон својата цел да ја освои француската политика во свои раце.

Ќе има многу разговори во наредните денови меѓу центристичките и левичарските кандидати кои ќе застанат настрана во вториот круг со цел да се концентрираат на гласовите против НС.

Потребно е чудо за да се поништи единствениот заклучок што може да се извлече од овој прв круг на гласање, а тоа е дека НС сега е неспорно доминантна политичка сила во Франција.

Сепак, она што останува да се одлучи во текот на следната недела е сè уште доста значајно. Тоа е разликата помеѓу екстремно десничарска влада која има одврзани раце поради целосното мнозинство во Националното собрание и екстремно десничарска влада која не може да постигне ништо бидејќи Собранието е поделено.

Во моментов, се проценува дека НС ќе има меѓу 260 и 310 седишта во Националното собрание. Имајќи предвид дека 289 места се апсолутно мнозинство, очигледно има уште многу да се игра.

За да се ограничи штетата, центристите на францускиот претседател Емануел Макрон и левичарската алијанса Нов народен фронт ќе ги повикаат своите поддржувачи да гласаат тактички во вториот круг на 7 јули.

Левичарската коалиција во Франција предводена од ЛФИ / Фото EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Обединети против НС

Дури и ако нивниот сопствен кандидат е исфрлен, гласачите ќе бидат повикани да изберат кој и да е во нивната изборна единица против НС. Но, маката со ваква партиска наредба е што сè помалку луѓе ги слушаат.

Во минатото гласот за НС кај мнозинството Французи се сметаше за срамен и незамислив, но сега работите се драстично променети.

Друга препрека за противниците на НС е големиот број на таканаречени „триаголни“ гласачки места во вториот круг, односно изборните единици каде што следната недела ќе се соочат не два, туку тројца кандидати.

Обично, тие кандидати се еден од центристичката коалиција на Макрон, еден од крајната десница и еден од левичарите. Причината за големиот број на вакви „триаголни“ гласања е високиот одѕив на гласачите, што го отсликува ризикот кој го презеде францускиот претседател.

Брзата и кратка кампања не им дозволи на помалите партии да се соберат, па затоа гласањето е концентрирано на трите најголеми блока. Очигледно, ако има три партии кои се натпреваруваат во една изборна единица, потешко е да се спојат гласовите против НС.

Моментално во Франција чувството е дека победата на екстремната десница е неизбежна. Она што некогаш се сметало за незамисливо сега е опиплив факт допрва ќе ги удри Французите в лице.

Најлошиот кошмар на ЕУ: Евроскептична Франција

Какви се правилата во системот со два круга?

За да освои едно од 577 места во националното собрание во првиот круг, кандидатот мора да добие повеќе од 50 отсто од гласачките ливчиња, што претставува најмалку 25 отсто од регистрираните гласачи.

Ова се случува многу ретко, иако високиот одѕив на изборите во 2024 година бележи драстично зголемување на бројот на кандидати кои победија во првиот круг на 80.

Ако ниту еден кандидат во една изборна единица не го постигне тоа, двајцата кандидати со највисоки резултати плус кој било друг кој собрал најмалку 12,5% од вкупниот број регистрирани гласачи преминуваат во вториот круг. Во тој круг се избира кандидатот кој ќе добие најмногу гласови.

Повеќе на темава: Здружената француска левица во обид да ја надмине заканата на екстремната десница

Системот со два круга е многу непропорционален и им дава предност на поголемите партии. При излезност од 65%, на пример, пречката од 12,5% значи дека партиите ќе треба да обезбедат поддршка од речиси 20% од гласачите за да се пласираат во вториот круг.

На претходните парламентарни избори, излезноста беше значително помала отколку на овие, што значи дека во речиси секоја изборна единица, само двајца кандидати поминаа во вториот круг.

На изборите во 2012 година, со излезност од 57%, имаше 34 „триаголни“ гласања во вториот круг. Во 2017 година, кога излезноста беше 49%, имаше само едно такво гласање. Претходниот рекорд со „триаголни“ гласања во вториот круг беше 76, во 1997 година.

Комбинацијата на најголемата излезност од 1980-тите и помалиот број на кандидати (4.011 наспроти 6.290 во 2022 година) од трите главни коалиции значи дека во вториот круг ќе има најголем број на „триаголни“ гласања.

Со оглед на тоа што 67 отсто од регистрираните гласачи гласаа во недела, гласачите во огромен број изборни единици, во принцип, би можеле да се соочат со „триаголно“ гласање на 7 јули.

Теоретски, ваквите гласања треба да работат во корист на партијата со најголем дел од гласовите во првиот круг, на овие избори тоа е Народниот собир, бидејќи гласовите на опозицијата се поделени. Сепак, многу „триаголни“ гласања не остануваат така.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон/фото:ЕПА

Што е следно?

Што се однесува до партиите, членовите на четирипартиската лево-зелена алијанса НФП – вклучително и лидерот на радикалната левица Непоклонета Франција (ЛФИ), Жан-Лук Меланшон, ветија дека во сите изборни единици каде што НС е на прво место, а кандидат за НФП е на третото место, кандидатот за НФП ќе се повлече.

Таборот на Макрон е помалку јасен за тоа што би направиле неговите кандидати доколку се на слична позиција, при што претседателот и партиските лидери ги нарекоа двата ривалски табора „екстремни“ – во случајот со НФП, главно затоа што доминира екстремно левичарската ЛФИ.

Премиерот Габриел Атал во неделата рече дека третопласираните кандидати треба да се тргнат настрана. Некои кандидати од коалицијата на Макрон, сепак, можеби нема да се повлечат доколку се соочат со кандидат од ЛФИ.

Што се однесува до гласачите, работите се уште покомплицирани.

Анкетата на Ипсос минатата недела покажа дека 87% од гласачите на НФП се подготвени да го дадат својот глас за да го блокираат НС, но само 62% од гласачите за коалицијата на Макрон би го сториле истото. Друга анкета, од Одокса, покажа дека помалку гласачи (41%) биле подготвени да го блокираат НС отколку да го блокираат НФП (47%) или владејачката коалиција (44%).

Накратко, ситуацијата е крајно неизвесна и ќе остане течна додека не станат јасни вистинските кандидати кои ќе учествуваат во вториот круг. Со оглед на тоа што до половина од местата во собранието потенцијално стануваат „триаголни“ гласања, просторот за анти-НС е јасен, но обемот на меѓупартиската соработка ќе биде критичен, како и подготвеноста на гласачите да гласаат тактички.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот