Ни Вреди ни ДУИ не попуштаат за народниот правобранител
Од Вреди нема да му сугерираат на Селами да се повлече, ниту пак се согласни, како што сугерираат „интегративците“, да биде предложен друг кандидат од веќе утврдената листа, затоа што собраниската процедура е стасана до негов избор на пленарна седница.
Изборот на народен правобранител, кој останува блокиран во Собранието бидејќи власта нема Бадентерово мнозинство, може дополнително да се комплицира и да се одолжи ако поради блокадата Собранието биде принудено да го поништи и да објави нов оглас за таа функција. ДУИ е клучна за Бадентеровото мнозинство, но не дава поддршка за кандидатот Фатон Селами да биде новиот народен правобранител. Од Вреди нема да му сугерираат на Селами да се повлече, ниту пак се согласни, како што сугерираат „интегративците“, да биде предложен друг кандидат од веќе утврдената листа, затоа што собраниската процедура е стасана до негов избор на пленарна седница.
Ако власта не обезбеди гласови од пратениците од заедниците, сè поизвесно е дека Собранието ќе ја повтори постапката за избор на омбудсман. Од власта велат дека Комисијата за избори и именувања веќе го направила изборот и дека тој е доставен до пленумот. Ако не биде избран, ќе треба да биде објавен нов оглас, со нови кандидати и целата постапка ќе се одложи за еден месец.
Препорачано
Дополнителни конфронтации
Од друга страна, наместо решение, партиите дополнително се конфронтираат и обвинуваат по ова прашање.
– Не е вистина дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржала предлогот на ДУИ друг кандидат да биде предложен за народен правобранител. Процедурата е стасана до пленарна седница и, доколку кандидатот се повлече, целата постапка треба да почне наново. Нема причина тој да се повлече, бидејќи ги исполнува сите услови да биде избран на функцијата. Тој работел во институцијата Народен правобранител и најмалку ДУИ има морално право да бара друг кандидат – вели за Слободен печат“ Беким Ќоку, координатор на пратеничката група на Вреди, кој заедно со Билал Касами, учествуваше на лидерската средба, организирана од премиерот Христијан Мицкоски, а на која една од темите беше и изборот на народен правобранител.
Ќоку со ова ја демантира координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари од ДУИ, која со лидерот Али Ахмети присуствуваше на лидерската средба. Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ на координацијата го поддржала предлогот на „интегративците“ Селами да се повлече. ДУИ е против изборот на Селами, бидејќи „тој бил кадар на Вреди и ги немал потребните квалификации за омбудсман“.
И од ВМРО-ДПМНЕ негираат дека на координацијата по лидерската го поддржале предлогот на ДУИ. Оттаму потсетуваат дека номинацијата на Селами ја поддржале на Комисијата за избори и именувања. Ќоку, пак, потенцира дека ДУИ најмалку има морално право да инсистира на повлекување на Селами.
– На јавноста ѝ е познато дека и доскорешниот народен правобранител Насер Зибери и претходниот Иџет Мемети беа политички фигури предложени од ДУИ, па Собранието ги изгласа. Зибери беше кандидат на ДУИ за претседател на државата, а пак Мемети беше обвинет за корупција. ДУИ нема морално право да го оспорува и да го коментира кандидатот за народен правобранител. Тие бараат само негативни аспекти и се однесуваат деструктивно. На лидерската средба претседателот на ДУИ Али Ахмети се согласи дека ќе го поддржат и Законот за прекршоци, кој е битен за да стартува „Безбеден град“ и народниот правобранител. Не знам што се случи потоа и тие отстапија од ставот на лидерот – вели Ќоку.
И „интегративците“ поделени
По лидерската средба, и натаму траат игрите на ДУИ „топло-ладно“ за поддршка на системот „Безбеден град“ и на народниот правобранител. Или станува збор за маркетинг и кревање на политичката цена на ДУИ за дополнителен пазар за поддршка на Законот за прекршоци, од кој зависи „Сејф сити“, и на омбудсманот, или пак, има несогласувања во самата ДУИ за двете прашања. Додека Ајдари на прес-конференција потврди дека ќе ги поддржат предложените измени на Законот за прекршоци, на истата прес-конференција Садула Дураку од ДУИ рече дека нема поддршка за Законот ако не бидат вметнати нивните забелешки.
Ќоку е сепак оптимист дека за изборот на Селами ќе обезбедат Бадентерово мнозинство, ако не од ДУИ, тогаш од пратениците од Европскиот фронт, но и од независните пратеници од другите партии кои се од заедниците.
Власта има 14 пратеници чии гласови се бројат за Бадентер, но потребни се уште шестмина бидејќи за избор на народниот правобранител е нужен таканаречен „голем Бадентер“, односно 20 гласа на пратеници од заедниците.
– Разговараме со пратеници, сега не би сакал да ги откријам имињата, но имаме поддршка и народниот правобранител ќе биде изгласан. Сепак, пожелно е за него да се постигне консензус од сите партии. Да не бидеме песимисти дека нема да обезбедиме двојно гласање – вели Ќоку.
Ахмети по лидерската изјави дека разговарале за народниот правобранител и дека тоа прашање ќе треба да се реши преку дополнителни консултации со координаторите на парламентарните партии.
Филипче: СДСМ нема да ги поддржи законските измени за „Безбеден град“
По повеќедневно тактизирање, лидерот на СДСМ Венко Филипче пресече дека СДСМ нема да го поддржи Законот за прекршоци.
– Во однос на системот „Безбеден град“ и Законот за прекршоци, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот, доказ за тоа е што сме го почнале. Меѓутоа, не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен тоа што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност и на податоците, што повторно власта ниту го коментира ниту се обидува да го регулира. Седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, ќе видиме што е друг резултат, односно договор од тој „пазар“ – рече Филипче.
Тој рече дека СДСМ е конструктивна опозиција, но дека не се контролирана опозиција и нема да дозволат да поддржат закон во кој сериозни аспекти не се регулирани, а тоа е огромната база на податоци за која никој во законот не укажува како ќе се контролира.


