Безбедни сме, ДУИ ќе гласа „за“!
Откако изминатиот викенд премиерот Христијан Мицкоски ги потсети дека на лидерската Али Ахмети дал безусловна поддршка, а вицепремиерот Александар Николовски им порача дека очекува ДУИ да се „опаметат“, опозициската пратеничка група најави кревање два прста ако в петок има пленарка за законските измени поврзани со системот „Безбеден град“
Системот „Безбеден град“ ќе може да стартува од 1 февруари, како што беше зацртано, бидејќи пратеничката група на Европскиот фронт, предводена од ДУИ, ќе го поддржи и со тоа власта ќе обезбеди двотретинско мнозинство за измените на Законот за прекршоци да поминат во Собранието.
Изборот на нов народен правобранител останува заглавен во Собранието, бидејќи Европскиот фронт нема да гласа за предложениот Фатон Селами, бара тој да биде повлечен и да се предложи нов од листата на кандидати утврдени од Комисијата за избори и именувања.
Препорачано
Им требало време за консултации
ДУИ се премисли и најави поддршка за измените на Законот за прекршоци откако во изминатиот викенд премиерот Христијан Мицкоски ги потсети дека на лидерската средба првиот интегративец Али Ахмети дал безусловна поддршка за тоа прашање, а вицепремиерот Александар Николовски потоа порача дека очекува дека ДУИ ќе се „опаметат“ и ќе обезбедат двотретинска поддршка за законските измени во Собранието, особено по ветувањето дадено од нивна страна на лидерската средба.
Николоски: Проектот „Безбеден град“ спасува животи и сите треба да учествуваат во него
Координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари, рече дека ќе гласаат за Законот за прекршоци на седницата што се очекува да биде свикана в петок, а доколку не се имплементираат нивните забелешки, во иднина ќе поднесат предлог со нови измени на Законот.
Поддршка на Законот за прекршоци беше обезбедена на лидерската средба во изминатата недела, свикана од премиерот Христијан Мицкоски, но ДУИ во петокот, на координација на шефовите на пратеничките групи што беа учесници на лидерската средба, не даде „бланко поддршка“ за законското решение со образложение дека имаат забелешки. Ајдари рече дека собраниската седница не била закажана за минатиот петок, како што првично било договорено, бидејќи им требало време да се консултираат во пратеничката група.
– Главната цел на овој проект е зголемување на безбедноста во сообраќајот. Доколку преку овој систем може да се спаси макар и еден човечки живот, тоа е непобитна вредност. Но покрај безбедноста, еднакво е важно да се почитуваат и уставните права на граѓаните – рече Ајдари.
Таа апострофира повеќе забелешки за законот – дека не се користи албанскиот јазик во електронските известувања иако е службен јазик во државата, дека системот „Безбеден град“ е предвидено да се применува само во Скопје, Тетово и во Куманово што, пак, создава ситуација на нееднаквост меѓу граѓаните, дека казните се превисоки наместо да бидат пропорционални и едукативни, како и фактот дека сообраќајната сигнализација е неусогласена, односно извештаите за сообраќајните прекршоци што ќе се генерираат во системот „Безбеден град“ се неусогласени со сообраќајните знаци.
Според ДУИ, граѓаните не може да бидат казнувани врз основа на нејасни и неусогласени податоци во системот.
– Ние сме за безбедност во сообраќајот, но и за целосно почитување на Уставот и на правата на граѓаните. Бараме овие прашања сериозно да се анализираат и да се вклучат конкретни подобрувања во законското решение. Од МВР и експертите ни беше потврдено дека се работи во насока на спроведување на сите барања што ги поставивме. Доколку не се реализираат во практиката, ќе иницираме измени и дополнувања на законот. Сакам јасно да нагласам дека ние ги поддржуваме овие измени за почнувањето на овој проект. Ова е одлука на лидерите додека ние на ниво на координатори ги решивме дилемите и техничките прашања. Ако се закаже седницата, в петок ќе гласаме – рече Ајдари.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека очекуваат да се реализира дадената поддршка за проектот.
– Очекуваме во јасно зададените рокови Законот за прекршоци да биде донесен во согласност и во координација на сите пратенички групи коишто се во тек. И заштитата и начинот на чување на податоците и начинот на казнување е строго одреден во согласност со позитивните законски прописи – рече пратеникот Бране Петрушевски.
Забелешки за проектот „Безбеден град“ има и опозицискиот СДСМ, но ако законот добие поддршка од ДУИ, во тој случај гласовите на пратениците од СДСМ нема да бидат клучни за да помине Законот за прекршоци. СДСМ има резерва за законот за тоа кој ќе ги контролира податоците, но има забелешки и за висината на казните.
За „Безбеден град“ Филипче има резерва за висината на казните и за контролата на податоците
Според собраниски извори, претседателот на Собранието Африм Гаши в петок ќе ја закаже пленарната седница за Законот за прекршоци ако дотогаш дел од пратениците што се службено отсутни се вратат во Македонија и со тоа се обезбеди двотретинско мнозинство.
Народниот правобранител сè уште е отворено прашање
Наспроти поддршката на ДУИ за „Безбеден град“, нема поместување на нивниот став за избор на нов народен правобранител.
– Ние стоиме на ставот дека предложениот кандидат треба да биде повлечен од листата и од листата на кандидатите да се избере нов – рече Ајдари.
Народниот правобранител останува блокиран, за „Безбеден град“ се чека „пас“ од ДУИ следната недела
ДУИ не дава поддршка за Селами, бидејќи според нив, тој е партиски кадар на Вреди и не ги задоволува критериумите да биде избран за народен правобранител.
За да биде предложен друг кандидат од листата на пријавени кандидати, ДУИ добила од поддршка од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, но не и од координаторот на Вреди Беќим Ќоку.
– Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ се согласи да се смени кандидатот за народен правобранител, но координаторот на Вреди не се согласи – рече Ајдари.
Од Собранието брифираат дека се прават напори да се постигне консензус и за народниот правобранител.
Доколку ДУИ не отстапи од ставот за смена на Селами, во опција се две варијанти – или да се предложи друг кандидат од пријавените или целиот оглас да се поништи и Собранието да распише нов јавен повик за функцијата народен правобранител. И двете варијанти ќе одземат дополнително време, а институцијата веќе половина година е без прв човек.


