Ни слика ни тон, ако не е по бонтон!

Задолжението до општинските изборни штабови и до функционерите на СДСМ во предизборието да се посветат на извесната изборна победа и да внимаваат што објавуваат на Фејсбук, е одличен начин да се одреди професионален кодекс на однесување со препорачан пи-ар и етичко однесување.

Повикот од генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, функционерите и членовите на општинските изборни штабови на партијата да внимаваат што објавуваат на социјалните мрежи во предизборието и да не се „сликаат“ по кафеани, кафулиња и ресторани, туку да се фрлат на работа, комуниколозите ја сметаат за иновација, за позитивна промена.

Според нив, партијата има право да им дава вакви директиви на своите членови, зашто целата слика што за нив се создава на социјалните мрежи е јавна, па дури и ако пазаруваат во супермаркет.

– Ова е на ниво на професионален кодекс со препорачан пи-ар и етичко однесување. Секој шеф на изборен штаб има право да комуницира на ваков начин и да кажува што сè е потребно за позитивно однесување. Во документот има етички препораки и насоки и така треба да постапуваат сите политичари. Во некои политички култури партиите имаат дури и дрес-код, покрај насоките за тоа како да се однесуваат. Интересно е тоа што за првпат документот се рефлектира и на онлајн медиумите каде што за првпат некој дава насока да се внесе ред и координација – вели Сеад Џигал, комуниколог од Меѓународниот Балкански Универзитет.

Според него, единствениот проблем би бил доколку задолжението им ја нарушува приватноста на членовите на партијата, но за тоа некој најнапред мора да се пожали.

– Од друга страна, членовите немаат ниту простор да се пожалат дека партијата им ја нарушува приватноста, зашто се што се случува на социјалните мрежи во врска со нив е јавно. Ако политичар објави фотографија од продавница во која пазари со сопругата, тогаш тоа станува јавна информација. За политичарите и јавните функционери нема приватност на социјалните мрежи. За нив, сè е јавно. Затоа партијата има право да им даде директиви – додава Џигал.

Ова е првпат јавно да се даде упатство за однесување во тек на предизборна кампања, што за Џигал е препорачлив модел на однесување.

– Добро би било да има координираност и сензибилитет и за јавноста и за медиумите. Така, што ова е еден вид иновација и позитивна промена. Сепак, партиите не би требало да бидат преригорозни во препораките, додава тој. И Америка и западноевропските земји имаат насоки како политичарите да се однесуваат, какви изјави да даваат. Ваква координираност на Запад си постои – додаде Џигал.

Опозициските портали од документот што проциркулира на социјалните мрежи направија скандал, а политичарите од опозицијата не пропуштија шегобијно и неосновано да го критикуваат текстот, особено на сметка на делот со кафеаните и фотографирањето. „А замисли, да ги фатат како лапале по кафеани, а не скенирале сметки“, напиша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Од СДСМ велат дека „за ВМРО-ДПМНЕ ваквиот систем на одговорност, транспарентност и отчетност е непозната категорија и затоа имаат потреба да критикуваат сè што е во насока на нормално функционално делување на партијата“.

Николовски: Барам крајна дисциплина!

Во задолжението до општинските изборни штабови и до функционерите на СДСМ се бара од 20 јануари до 12 април функционерите на СДСМ на сите нивоа да се посветат на извесната изборна победа и на активностите согласно насоките на партиските штабови.

„Многу важно, очекувам и барам крајна одговорност и дисциплина во однесувањето кон граѓаните, во приватниот живот и објавите на социјалните мрежи. Од тоа зависи каква порака испраќаме кон граѓаните. Затоа, приватни патувања, одмори, седење по кафеани, кафетерии и ресторани не треба да има. Многу важно, фотографии од кафеани, одмори, ресторани кафетерии, воопшто да нема. Одиме на победа на 12 април, организирано, мобилизирано, но пред сè одговорни пред граѓаните, нивните потреби и секако посветени на нашите пораки од кампањата“, напиша Николовски.

Во задолжението се потенцира објавите на социјалните мрежи да бидат фокусирани единствено на политиките на СДСМ, на интересот на граѓаните и на државата, а во функција на кампањата.

Петров: Супер е текстот!

Потпретседателот на СДСМ Коста Петров вели дека нема ништо спорно ако се бара примерно и професионално однесување од членовите на партијата.

– Се работи за интерна комуникација и нешто што е стандард насекаде низ светот. За една компанија, или во овој случај политичка партија да биде успешна, важно е дефинирање на визијата, почитување и нејзино интерно промовирање. Ние веруваме во визијата на партијата, ја почитуваме и ја комуницираме со нашите функционери и членови. Разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ е во тоа што ние бараме, очекуваме и промовираме примерно и професионално однесување на сите наши членови, наместо да бараме од нив да прават опструкции и да креираат деструктивни политики – ни изјави Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот