(Не)возвратена љубов

Новиот лидер на Шкотската национална партија Хамза Јусаиф одби да ѝ го одземе членството од партијата на поранешната прва министерка Никола Стрџен, но некои членови го бараа токму тоа, под мотото „кога е некој долу, ајде да го газиме“. Интересно е што најгласни беа оние на кои таа им имаше најмногу помогнато. Тоа е тоа, невозвратена љубов, меморија на риби. Засега, наследникот се држи подобро од очекуваното. Колку ќе издржи, Вестминстер ќе каже?!

Не е лесна работа да задржиш пријателски односи со некој што сака повеќе од врската, а ти сакаш да бидете само другари. И да нема лутење и повредени чувства, љубомора и не дај боже и потоа некаква одмазда од детски тип. Тешко е, не велам дека е лесно. Нема кој не поминал низ такво нешто. О кеј, можеби и речиси нема, зашто секогаш ќе се најде понекој примерок што само ќе го потврди правилото и на твоето љубезно одбивање, ќе престане да комуницира со тебе, а потоа ќе почне да шири гласови за твојата сомнителна сексуална определба и за истополови предиспозиции.

Но, не верувам дека нашиот премиер Риши Сунак ќе покаже дека очекувал повеќе ама, ете, „судбина је тако хтела“ при неговата посета на главниот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави на чело со претседателот Бајден. Потпиша договор за соработка, но не онаква каква што планираше и што ветуваше порано. А направи премиерот сè како што треба. Немаше ниту еден погрешен потег. Дури облече и спортска јакна и патики, се гушна и се слика со ќелавиот симбол на Американците – не Бајден, туку орелот, нашиот Сунак, човекот што носи костуми рачно изработени и по мера од Савил Роу и чевли правени по нарачка што му ги избира сопругата и отиде и на бејзбол меч, а пораснат е со крикет, и покрај тоа што се сомневам дека како малечок „не го играле многу“. Не му дадоа да го изведе првиот удар и да фрли топче, и мислам дека тоа беше уште подобро, да не се резили човекот…

Англосаксонски поздрав

И се врати во ЈуКеј релативно задоволен за да се сретне, помеѓу другите, со поранешниот шеф Борис Џонсон во канцеларијата во која тој седеше до пред некоја година, пред да гласа да го смени. Се поздравија „по англиски“, пристојно и воспитано како што се поздравуваат тука двајца што не можат да се смислат и се разделија по „англосаксонски“, вадејќи ги не ножевите, ами секирите, оние со две сечива, од разни делови од телата. Борис беше бил дошол по допрен глас дека Риши нема намера да му ја усвои листата за давање благороднички титули на оние што „му служеле верно“ додека бил премиер. Плус на татко му, Стенли Џонсон. И сега, бидејќи немаме други грижи во државата, се занимававме со тоа дали Стенли ја плеснал (по задникот, драги мои, по задникот) поранешната пратеничка и дали тој и поранешните министри Прити Пател, Доминик Рааб и други со репутации на насилници треба да бидат лордови и дами и да решаваат во Горниот дом за државнички работи. И потоа Риши рече дека му рекол на Борис дека не е подготвен да прави нешто за што смета оти не е во ред, а Борис одговорил дека имале „џентлменски договор“ , а Риши „зборува глупости“. Сето тоа со плиз и тенк ју вери мач индид фор натинг.
Во британската бизнис компаниска хиерархија долго време важеше девизата дека шефот е онолку добар колку што му е добар наследникот. Но, потоа почна да се носи „свежа крв“ однадвор, што почна, од своја страна, да создава незадоволство во компаниите од оние амбициозните дека нема да станат „калиф на местото на калифот“.

Кажете ми еден поранешен шеф што го сака наследникот и ќе ви кажам дека се лажете колективно. Секој наследник во чекање е убеден дека знае стопати подобро да работи од шефот и кога ќе дојде до местото, претходниот шеф може само да се лути и да се повикува на некакви претходни договори на кои сегашниот ниту „бегло“ не се сеќава. Посебно ако се невозможни, незаконски и штетни по кариера, благосостојба и здравје.

Лут буковец во уста

Борис ни стана нешто како „долг ковид“. Постојано е тука. Пред да биде објавен извештајот со кој се потврди дека тој го лажел парламентот дека ги почитувал правилата за забавите кај него со неговите за време на пандемијата, тој реши да поднесе оставка како пратеник и сега ќе има избори во Аксбриџ, неговата изборна единица. За оние кои се прашуваат зошто тука толку сме запнале со лажењето на поранешниот премиер и со комисии и извештаи, одговорот е едноставен. Функционира правната држава. Повеќе од 220.000 луѓе починаа за време на пандемијата и голем број не можеа да ги видат, гушнат, да ги испратат до крајното почивалиште своите најблиски. А БоЏо наздравуваше со шампанско. Па повеќе милиони луѓе тоа не можат и очигледно не сакаат да му го заборават – тој може до сабајле да се фали дека „го испорачал брегзитот“ (а какви се состојбите сега подобро и да не го спомнува премногу), ама ниту бизнисот во негово време нешто просперираше – неговата позната изрека за бизнисот е да се е*е, извинете, никој не му стави лут буковец во уста, затоа е таков каков што е. И сега татко му, кој не го воспитал синот да биде лорд? Ноу уеј, рече Риши, кревајќи се на прсти за да види и да биде виден и, ете, заврши уште една епизода од британската политичка сапуница. Ама серијата сè уште трае.
За дополнителна возбуда се погрижи Никола Стрџен, поранешната прва министерка на Шкотска, на која ѝ се предвидуваше блескава кариера и некои дури ја гледаа на врвот на Обединетите нации. Како ретка политичка константа, додека таа беше на врвот, во Вестминстер се сменија, односно поднесоа оставка четворица премиери и двајца лидери на опозицијата. Се тече, сè се менува, Стрџен (риба есетра) плива. Во 2016 година од „Форбс“ таа беше прогласена како втора најмоќна жена во Обединетото Кралство, по кралицата Елизабета Втора. Но, Никола неочекувано на почетокот од годинава поднесе оставка и на функцијата и на лидерството на Шкотската национална партија. Рече дека е уморна и разочарана што не испорачала независност. Потоа членството на партијата почна да се опсипува како иглички од божиќно/новогодишни елки кои општинарите уште не ги собрале од нашата улица, а не заборавиле да ни ги зголемат давачките. И тоа не беше сè.

Едно нормално утро на 5 април во резиденцијата на Стрџен/Марел им заѕвонија на вратата полициски инспектори и го уапсија господинот Питер Марел, сопругот на Стрџенова (која, како и на пример, не знам, еве Скерлев, во тоа време не си го смени презимето кога се омажи ниту го додаде на сопругот, што во матично во Скопје предизвика длабока шокирачка воздишка од страната на некои од сватовите и ококорени очи на матичарот, ама тоа е друга приказна). Сомничењата се во врска со донациите на банкарската сметка на партијата. И неколку месеци потоа, односно неделава, полицијата заѕвони по вторпат и ја уапси Никола, која помина, велат, 12 часа испрашувана за судбината на 660.000 фунти донирани за организирање уште еден референдум за независност на Шкотска од Обединетото Кралство.
Новиот лидер на Шкотската национална партија Хамза Јусаиф одби да ѝ го одземе членството од партијата на Никола, и покрај тоа што некои членови се огласија барајќи го токму тоа, под мотото „кога е некој долу, ајде да го газиме“, заборавајќи дека ниту еден политичар во Шкотска не направи повеќе од неа за да го стави шкотското прашање за независност највисоко на политичката агенда во земјата и пошироко. Интересно е тоа што најгласни беа оние на кои таа им имаше најмногу помогнато. Тоа е тоа, невозвратена љубов, меморија на риби. Засега, наследникот се држи подобро од очекуваното. Колку ќе издржи, Вестминстер ќе каже?!

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот