Невозможна мисија за Ливерпул

EPA-EFE/PETER POWELL

Полуфиналната пресметка во Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Ливерпул беше најавена како судар на двете најдобри офанзивни екипи во Европа, но повредите кај Ливерпул и убедливата победа на каталонскиот тим ја елиминираа неизвеноста.

Екипата на Ливерпул вечерва (21 ч.) се наоѓа пред невозможна мисија, да надополни негатива од 0:3, и тоа без двајца од ударното напаѓачко трио, Мохамед Салах и Роберто Фирмињо. Згора на тоа, Наби Кеита се повреди на првиот дуел помеѓу овие две екипи, а на ситна повреда се жалеше и Вирџил ван Дајк. А, за противник ја имаат Барселона која е предводена од Лионел Меси, што задачата на Ливерпул ја прави речиси невозможна.

– Ова не е ситуацијата во која сакавме да бидеме пред реваншот. Двајца напаѓачи кои се меѓу најдобрите на светот, не можат да играат, ние мораме да постигнеме четири гола, а згора на тоа да не примиме ниту еден. Но, додека имаме 11 фудбалери на теренот ќе се обидуваме да ја оствариме целта. Мора да одиграме совршено доколку сакаме да одиме во финалето. Можно е ова да биде наш последен натпревар во ЛШ сезоната, па ајде да прославиме – вели тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Местото на Салах во првиот тим се очекува да го зазеде Џердан Шаќири, додека Дивор Ориги ќе игра на позицијата на Фирмињо.

Во таборот на Барселона се претпазливи пред вечерашниот дуел, не сакајќи да им се повтори минатата сезона кога имаа предност од 3:1 против Рома но во реваншот загубија со 3:0 и беа елиминирани.

– Не се сомневам дека Ливерпул ќе не нападне со сите сили. Ако мислиме да ја чуваме предноста од првиот натпревар нема да биде добро по нас. Имаат брзи играчи и одлични навивачи кои ќе ги бодрат во сите 90 минути – вели Ернесто Валверде, тренерот на Барселона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот