Нема спас од депонијата на улица Клисурска во Шутка, повремено се чисти, па експресно се создава

Веднаш откако „Слободен печат“ побара објаснување за состојбата со дивата депонија, од Општина Шуто Оризари испратија екипи, кои со лопати го исчистија целото ѓубре.

Да се живее во куќа во која прва глетка штом се излезе пред домот е дива депонија и да не може да се отвори прозорец или да се поседи во двор од смрдеа и чад поради палење на ѓубрето, не е ниту малку пријатна ситуација. Токму тоа им се случува на жителите на улицата Клисурска во населбата Шуто Оризари, со дивата депонија во близина на нивните куќи. Тие велат дека одвреме невреме Општината ќе испрати екипи да го исчистат ѓубрето, но со тоа проблемот не се решава трајно, затоа што несовесните жители продолжуваат тука да си фрлаат сѐ што не им е потребно во домовите.

Значи верувајте не се живее од смрдеа. Сега па преку лето, кога е многу топло, уште полошо е. Пред некој ден, ја потпалиле депонијата, па со денови чадеше и смрдеше. И ова не е од сега, со години се случува. Сме реагирале и во Општина, од таму ќе пратат луѓе, ќе го исчистат ѓубрето и пак исто – вели жителка на улица Клисурска, која барајќи решение за проблемот, се обрати до редакцијата на „Слободен печат“.

Таа објаснува дека ваква депонија имало и кај последната автобуска станица на линија 19, но дека таму локалната власт ставила чувар, па сега веќе никој не фрла отпад.

 Тука кај нас има ставено камера, ама таа е долго време веќе скршена. Додека работеше, друго беше, не се осмелуваа да фрлаат да не бидат казнети. А сега, гајле си немаат. Ако реновираат нешто дома, си го фрлаат отпадот на депонија. Минатата година на Курбан Бајрам, на депонијата фрлаа кожи и други остатоци од закланите животни, поради што не само што ужасно смрдеше, туку и се плашевме од зараза. Дури после десетина дена исчистија, откако повеќе пати реагиравме и се жалевме – објаснува нашата соговорничка.

Од Општина Шуто Оризари се информирани за дивата депонија на улица Клисурска и тврдат дека тој дел од улицата секојдневно се чисти.

 Тој дел од улицата секојдневно се чисти од страна на комуналните работници од општината, но во касните вечерни часови кога нема покриеност на терен од комунални редари и кога се фрла во големи количини од несовесни лица се создава депонија. Се случува понекогаш додека се организираат комуналните работници со механизација да потрае и 2 – 3 дена, но веќе наредниот ден се чисти. Има поставено камера, но моментално не е во функционална состојба поради технички проблеми и проблем со интернет, а кога би се препознале сторителите и се фатат на лице место од страна на комуналните редари, соодветно се постапува – велат од Шуто Оризари.

Веднаш откако „Слободен печат“ побара објаснување за состојбата со дивата депонија од Општината испратија екипи, кои со лопати го исчистија целото ѓубре.

 Да, конечно дојдоа и исчистија. Ама со ова нема да се реши проблемот. Треба контрола, треба чувари, треба да се поправи конечно камерата, оти свеста на некои од соседите очигледно не проработува. Инаку, за неколку дена пак ќе биде исто, па после долго ќе живееме во смрдеа додека повторно не исчистат – вели соговорничката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот