Нема пари, пароли колку сакаш

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Сите досегашни влади во пракса покажуваа дека се поблиску до олигарсите, отколку до работниците. Но, на крај, здравствената и глобалната економска криза покажаа дека работите многу избегале од контрола.

Пандемијата, енергетската криза, а потоа и воениот конфликт во Украина ни одржаа една голема лекција и повторно покажаа како парите го вртат светот. Народот насекаде во светот ја плаќа цената. Илјадници луѓе станаа лесен плен на епидемијата со ковид-19 поради лошите здравствени политики, милиони луѓе имаат проблеми со сиромаштијата која стана уште поизразена со енергетската криза, која практично и не беше криза, затоа што струјата и бензинот ги има, но преку ноќ станаа прескапи, а воениот конфликт помеѓу Русија и Украина со себе носат и прекројување на енергетската карта на светот, а товарот од тоа ќе го плати народот. Епилогот е – посиромашни и понесреќни луѓе во целиот свет. Освен мали исклучоци…

Во такви услови светот дочека уште еден Меѓународен ден на трудот – 1 Мај. Овој пат поинаков, погорчлив. Многумина ја продолжија традицијата со скари и со песни. Но, многумина излегоа и на улиците. Дури и во една Франција која за нас е поим за благосотојба се бараше социјална правда и зголемување на платите.

На овој првомајски протест кај нас се слеваа реки народ, дојдоа од сите градови од Македонија, а дојдоа и претставниците од власта – вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Ова е нешто соесема ново! Според она што го кажаа, на првомајскиот протест дошле за да покажат дека се на страната на работниците и дека нивниот труд мора да се вреднува, а правата да се почитуваат.

Сите досегашни влади во пракса покажуваа дека се поблиску до олигарсите, отколку до работниците. Но, на крај, здравствената и глобалната криза покажаа дека работите многу избегале од контрола. Владата се соочи со протести и со штрајкови од сите страни, а веројатно најголемиот удар дојде од просветните работници. Не е лесно кога тие што треба да им бидат пример на младите, тие што треба да ги учат децата, ќе одбијат да влезат во училниците. До таа состојба пак, се дојде затоа што државата не ги почитуваше законите што ги донела, затоа што не се градеше партнерски однос со работниците, дури и таму каде што таа е работодавач. Во јавниот сектор се случи хаос – од 130.000 вработени, само на околу 27.000 им се исплатува К-15!

Во приватниот сектор пак, се дозволи со закон да се работи на определено време – пет години, се дозволи да има Закон за работни односи за кој со години се зборува дека е лошо скроен, а истовремено три години да се преговара за носење нов. И еве уште се преговара…

И не е точно дека Македонија има добри закони во врска со работните односи, ама дека лошо се применуваат, како што често се зборува во јавноста. Не чини ниту едното, ниту другото! За тоа зборувале многу експерти, но кој да ги слуша.

Тоа што сега се случи вакво агресивно зголемување на минималната плата, колку и да донесе други нарушувања, барем дава надеж дека можеби Владата почнува да се врти кон работниците. Далеку од тоа дека треба да ги занемари интересите на работодавачите, затоа што без нивните идеи и капитал нема што да се работи. Компаниите тврдат дека се соочуваат со големи потешкотии во своето работење. Катастрофален е податокот што од 69.000 фирми, мартовска плата до 15 април не поделиле околу 22.000!

Но, балансот и мостот помеѓу бизнисмените, работодавачите и народот мора да се направи. Не може само да се констатираат фрапантните цифри дека лани во „Аџибадем Систина“ и во клиниката „Жан Митрев“ народот платил 110 милиони евра и дека двете болници оствариле чист профит од 26,5 милиони евра. Не може да се земе здраво за готово тоа што во четири лаборатории лани се наплатени 21 милион евра, а профитот им бил 7,8 милиони евра. Нешто тука не е во ред! Ниту во здравството, ниту во улогата и силата што ја има власта при примената на заштитните мерки во кризни ситуации.

Големите кризи знаат да направат пресврт. Кај нас пресвртницата нека биде будење на разумот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот