Некој украл монитор од бугарскиот културен центар во Скопје, Софија драматично реагира

Фото: Борис Чешларов / Google Maps

Непознати сторители изминатата ноќ насила влегле во Културно-информативниот центар (КИЦ) на Република Бугарија кој се наоѓа во центарот на Скопје, при што однеле компјутерски монитор, соопшти полицијата.

Претходно, пак, за кражбата во бугарскиот КИЦ остро реагираше бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), кое ова го нарече „напад врз самата бугарска држава“. Македонската амбасадорка во Софија била повикана во министерството во Софија, каде ѝ било посочено дека овој инцидент „се случува во услови на долготрајна антибугарска кампања во Северна Македонија“.

„Ноќта меѓу 15 и 16 март 2023 година непознати лица упаднале во зградата на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Република Северна Македонија. Во инцидентот, причинета е материјална штета на задниот ѕид на клубот, кој беше отворен на 25 ноември 2022 година. Без разлика на мотивацијата на сторителите, делото е напад врз самата бугарска држава, олицетворена во државната институција. Потсетуваме дека со билатералниот договор за отворање на Културно-информативните центри од 2003 година, двете земји се обврзаа да гарантираат нормално функционирање на културно-информативните центри во двата главни града“, изјави портпаролот на бугарското МНР.

Тој информираше дека директорката на Дирекцијата за Југоисточна Европа, Вања Андреева, пред македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска изразила „сериозна загриженост“ поради тоа што, како што се наведува, „ова кривично дело се случува во услови на долготрајна антибугарска кампања во Северна Македонија“.

Таа го истакнала очекувањето на бугарската држава „институциите на Република Северна Македонија не само да ги идентификуваат сторителите на ова злосторство, туку и јасно да покажат дека ваквите напади врз претставништвата на Бугарија се апсолутно неприфатливи и ќе бидат кривично гонети со сета строгост на закон“.

Центарот беше отворен во 2006 година, според договорот меѓу двете држави од 18 април 2003 година, а на сегашната локација е од 25 ноември 2022 година, кога свечено новите простории беа свечено отворени од министрите за култура на Бугарија и Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот