Неговото заминување означи крај на една музичка ера: Панчо од „ДНК“ ќе продолжи да живее во срцата на сите генерации кои пораснаа со нивната музика
Македонската јавност со огромна тага ја прими веста за смртта на Владимир Блажев – Панчо, еден од најпознатите македонски музичари и член на легендарното хип-хоп дуо „ДНК“. Панчо почина по долга и тешка битка со повредите здобиени во страшниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март 2025 година и во кој животот го загубија 63 лица, меѓу нив и неговиот долгогодишен музички партнер Андреја Ѓорѓиески – Андреј. Според информациите од болницата „Аџибадем Систина“ за „Слободен печат“, каде што се лекуваше, Панчо починал во утринските часови на 14 октомври, седум месеци по трагедијата.
Препорачано
Владимир Блажев е роден на 29 јули 1979 година во Скопје. Љубовта кон музиката ја открил уште како тинејџер, настапувајќи со групата „ОК Бенд“, додека неговиот иден колега Андреј бил член на групата „ТНТ“ и студент на Музичката академија. Во 2001 година двајцата одлучуваат да се обединат и да формираат заедничко дуо, кое наскоро ќе стане симбол на новиот македонски поп-звук – „ДНК“. Нивниот прв сингл „Девојка за везден“ беше објавен истата година, а со вториот, „Благодарам однапред“, стекнаа огромна популарност и го најавија подемот на една нова музичка генерација.

Во април 2003 година го издадоа првото EP „Пази дете“, а седум години подоцна и дебитантскиот албум „Кажано е сè“, во продукција на Врчак и нивната матична куќа „Продукција Република“ која своевремено работеше со новите и надежни македонски музичари.
Албумот содржеше 18 песни, меѓу кои и хитовите „Полна месечина“, „Пази се од мене“, „Навлечен на тебе“ и „Таа тоа го крие“. Со овој материјал ДНК се вброи во редот на највлијателните македонски поп-изведувачи, а нивните настапи на фестивалот „Макфест“ како и другите фестивали и музички настани често беа наградувани со признанија за најдобар сценски настап и најпопуларна песна.
Панчо и Андреј не беа само музички партнери, туку и блиски пријатели кои заедно го градеа својот свет во звук и стих. Панчо подоцна се сврте и кон диџејството, станувајќи еден од најпознатите македонски клупски диџеи и основач на „Sure Shotz Entertainment“, агенција преку која во Македонија донесе бројни регионални и светски R&B артисти како и водител на радиска Хип-хоп емисија. Андреј, пак, се посвети на продукцијата и телевизијата, работеше како музички уредник на К-15 ТВ и продуцент на шоуто „Мојата ѕвезда“, кое откри нови македонски таленти.

Во следните години „ДНК“ продолжија да создаваат нова музика и да освојуваат публика со песни полни емоција и животна искреност. Во 2013 година го објавија албумот „Срце“, а во 2016 година „Уште еден ден“. Нивните песни како „Само таа знае како“, „Најмила“, „Темно е“ и „Она е од Шутка“ останаа трајни хитови во домашната естрада.
Во 2018 година излезе компилацијата „The Best Of“ со 22 песни, а во 2022 година, по повод 20 години од постоењето на дуото, „ДНК“ одржаа голем јубилеен концерт во Арената „Борис Трајковски“ со бројни гости и пријатели од македонската музичка сцена. Истата година ја објавија и песната „Ако утре ме нема“, која по трагедијата доби симболично значење.

Ноќта на 16 март 2025 година ќе остане запаметена како една од најцрните во историјата на македонската музика. За време на настапот на „ДНК“ во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, избувнал пожар предизвикан од пиротехнички средства кои го запалиле акустичниот материјал на таванот. Во трагедијата загинаа 62 лица, меѓу нив и речиси сите членови на бендот што настапувал таа вечер – пејачот Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал Сара Пројковска, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, пијанистот Филип Стевановски, битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо, тонецот Игор Велков и официјалниот фотограф на „ДНК“, Александар Ефремов.
Единствените преживеани од бендот беа придружниот вокал Ана Костадиновска, гитаристот Горан Тонев и Панчо кој со тешки изгореници беше пренесен во скопската болница „Аџибадем Систина“.
Следуваа месеци на борба, бројни операции и третмани, но неговото тело не успеа да ги издржи тешките телесни повреди. На 14 октомври, точно седум месеци по трагедијата, Владимир Блажев – Панчо го загуби животот, оставајќи зад себе празнина што тешко може да се опише. Неговата смрт ја означи и крајната точка на една ера во македонската хоп-хоп и поп-музика.
Панчо ќе остане запаметен како уметник со големо срце, како човек кој преку музиката умееше да обединува генерации, да ги претвора емоциите во стихови и да допре до секој еден кој некогаш слушнал за песните од „ДНК“. Неговата кариера беше симбол на посветеност, талент и искреност, а неговото наследство ќе живее во песните што ги создаваше со љубов и верба во уметноста.
Македонија изгуби музичка легенда, но „ДНК“ ќе продолжи да живее во срцата на сите што пораснаа со нивните песни и идните генерации.

Панчо од бракот со Маја ги има двата сина Андреја и Марјан, неговата најголема љубов, како што често знаеше да изјави.


