Небиу: ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцира од руската икононграфија и од проруските елементи во своите редови

Бесим Небиу, Фото: Архива

ВМРО – ДПМНЕ треба јасно и недвосмислено да се дистанцира од руската икононграфија и од проруските елементи во своите редови, ако сака да се позиционира како легитимна проевропска десна опција во Македонија, вели во изјава за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Бесим Небиу, коментирајќи го последниот антивладин протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на кои се вееше и руско знаме.

– Не е првпат, руска и антизападна иконографија и пароли да се појавуват на нивните митинзи, но по почетокот на војната во Украина, Европа тектонски се смени, а со тоа и погледот кон таквите симболи и пораки. Проруски симболи не можат да бидат истовремено и проевропски, и било која партија која претендира дека ќе ја придвижи земјата кон ЕУ интеграциите, како што претендира ВМРО-ДПМНЕ треба да има политика на нулта толеранција кон проруските елементи и симпатии во своите редови, изјави Небиу.

Според него, таков курс можеби ќе се одрази во губење на доверба од тој дел од гласачкото тело, кое можеби ќе се насочи кон Левица, како отворено проруска партија, но ќе значи и дефинитивна еманципација на ВМРО-ДПМНЕ во една помодерна партија од десниот центар, во една пограѓанска етничко Македонска десница.

– Очигледно овие се стратегиски дилеми на ВМРО во моментот, но нивните потези се под зголемена лупа на меѓународната заедница и јавноста, и партијата ќе мора да повлече појасна линија во однос на својот политички идентитет и стратегиски определби, нагласува тој.

Опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ одржа антивладин протест во Скопје пред Владата на Северна Македонија, повикувајќи на одржување предвремени парламентарни избори. Според проценките на протестот присуствуваа помеѓу 15 – 20 илјади граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот