Не стивнуваат поплаките за „прочитаната“ електрична енергија: И мајските сметки за струја смрзнаа многу граѓани

Реакциите на граѓаните за значително повисоките сметки за електрична енергија не стивнаа и по добивањето на мајските пресметки. Тие велат дека биле изненадени од сумите, поради тоа што во овој период од годината вообичаено плаќаат многу пониски сметки од она што го добиле на сметките.

Поплаките се редат и до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, вели дека во изминатите десетина дена до нив стигнале 250 претставки за мајските сметки. Бислимоски потенцира дека сите претставки што досега ги добиле од граѓаните се доставени до ЕВН и во најголем дел од нив веќе е извршена корекција.

– И во изминатите десетина дена добивме околу 250 граѓански претставки за сметките за струја за мај. ЕВН е должен по добивање на податоците од потрошувачите, да им ги коригира нивните фактури за електрична енергија и притоа погрешно издадената фактура со повисока потрошувачка енергија да ја поништи и да изготви нова според реалната потрошувачка на енергија – вели Бислимоски за „Слободен печат“.

Граѓаните велат дека високите сметки за струја им ја загорчиле ситуацијата, особено што поради пандемијата со коронавирусот многумина останаа без примања, а некои се на минималец. Револтот е што во ваква ситуација, кога не биле читани броилата, паушалите се тресат како од ракав, а вакви проблеми циклично се јавуваат од година во година. Оваа година, пак, ситуацијата е особено чувствителна кога од сите се бара општествена одговорност. Но, во случајот со сметките за струја, како што објасни и Бислимоски, корисниците што платиле поголеми износи од реалните, ја авансирале ЕВН.

– По шокот со априлската сметка, во мај имаше некаква корекција, но повторно сумата е повисока од она што го очекував. Ние сме мало семејство, се грееме на дрва, строго се внимава да се вклучува машина за перење или да се готви на евтина струја. Не ми е јасно како е можно секогаш прво да преплаќаме, а потоа да нѐ коригираат. Зошто, на пример, еднаш да не биде обратно, односно некој нас да нѐ авансира – прашува револтирана жителка на скопската населба Волково.

За да се исправи погрешната сметка за струја, граѓаните треба да ја пријават состојбата  –  треба да се изврши самочитање на броилото, а податоците да се достават до ЕВН на Вибер, преку електронската апликација, по обичен телефон или по електронска пошта. За помладите тоа можеби и не е тешка и компликувана операција, ама за постарите тоа е „шпанско село“. Особено за пензионерите, на кои секоја паричка им е битна, сега во пандемијата, кога секој гледа да спаси жива глава, малтретирањето по шалтери е речиси невозможна мисија.

– Ниту знам да читам броило ниту можам да се справам со модерната технологија. Си ги платив сметките за април и за мај, не можам да пишувам поплаки или да се јавувам по телефони. Доволно ми е што чекам во ред пред пошта – вели пензионер од Аеродром.

На почетокот на јуни Бислимоски одржа и прес-конференција, на која многу остро реагираше и кажа дека очекувал оваа состојба со сметките со ЕВН веќе да е надмината. Санкции кои може да ги преземе Регулаторната комисија за енергетика, нагласи Бислимоски, е отворање прекршочна постапка против ЕВН и постапка за одземање лиценца поради непочитување на Законот за енергетика и на правата на потрошувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот