Навалица на измамници на социјалните мрежи: Злоупотребуваат познати трговци, „продаваат“ евтини производи и го крадат народот

Најсигурен начин да се препознае веродостојна е-продавница е да се провери кој правен субјект стои зад неа, дали постојат јасни и валидни контакт информации, рецензии од претходни купувачи и транспарентно објавени услови за користење, политики за приватност, рефундација

Веќе подолго време на социјалните мрежи може да се забележат огласи со ист текст дека се чисти или се затвора некој магацин, па затоа стоката се распродава. Обично станува збор за техничка стока, но и за разни други производи. Под коментарите може да се прочитаат реакции дека станува збор за измамници, но има и граѓани што прашуваат како да купат, а измамниците им даваат прецизни упатства, кои секако завршуваат со пораката дека треба да се уплати сумата.

Последен од низата вакви огласи што ги забележавме беше дека наводно „Техномаркет“ продава апарат за кафе и тоа од марката „Филипс“ за 615 денари! Ова не е првпат да се злоупотребува името на „Техномаркет“ и компанијата често предупредува за лажните објави.

Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, алармира дека граѓаните треба да пристапуваат внимателно кога купуваат онлајн, особено кога ќе наидат на невообичаено ниски цени или сомнителни понуди.

Виктор Стојкоски /фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

– Најсигурен начин да се препознае веродостојна е-продавница е да се провери кој правен субјект стои зад неа, дали постојат јасни и валидни контакт информации, рецензии од претходни купувачи и транспарентно објавени услови за користење, политики за приватност, рефундација, итн. Едноставно, треба да знаат од каде купуваат пред да купат и да бидат информирани – изјави за „Слободен печат“ Стојкоски.

Асоцијација за е-трговија за да го олесни целиот процес, креираше единствен регистар на е-продавници во Македонија, каде што се прикажани сите е-продавници што имаат интегрирано онлајн плаќање преку една од петте банки во државата, а тоа покажува дека со сигурност се правни лица што се регистрирани во нашата држава. Граѓаните може многу едноставно во регистарот да пребаруваат по УРЛ-адреса, правен назив на компанијата, а дури и по категории во согласност со нивните потреби за купување. Регистарот е достапен на следниот линк: https://ecommerce.mk/registar.

Но, ако се пребара, ќе се најде и „Техномаркет“ како е регистриран – трговец. Затоа, треба да се следат другите знаци на самата веб-страница за да се провери да не е злоупотреба на верификуван трговец.

– Ја развивме и ознаката „Верификуван е-трговец“, беџ што му сигнализира на потрошувачот дека е-продавницата е сигурна и ги исполнува основните законски прописи за онлајн продажба. Овој беџ го имаат само е-продавници што аплицирале за него и ги исполниле сите пропишани услови за добивање ваков беџ. Оваа ознака најчесто може да се најде во футерот на веб-страницата или до логото на самата е-продавница. Кратката проверка од страна на потрошувачите може да спречи непријатности и да обезбеди сигурно онлајн искуство – вели Стојковски.

Професорот Орце Симов, кој е и претседател на ИКТ-комората, вели дека кога станува збор за измами преку Фејсбук, објавата може да ја избрише или тој што ја поставил или самиот Фејсбук доколку многу граѓани, на трите точки во аголот на објавата, го притиснат копчето „рапортирај“ и напишат дека станува збор за измамничка објава.

Орце Симов – ССК / Фото: ”Слободен печат”/ Драган Митрески

– Граѓаните треба да внимаваат каде ќе ги однесе линкот за објавата. Но, мора да бидат многу внимателни затоа што измамниците прават се пософистицирани измами. На пример, во зборот „Технометал“, може место буквата о, да биде нула, или буквата а наместо на латиница да биде на кирилица – објаснува Симов во изјава за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот