НАТО на солзите не им верува

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Вчерашната вест гласи вака: НАТО формира тим за борба со хибридни закани во Северна Македонија, откако лажните вести и дезинформациите на Русија и Кина зедоа голем замав со кризата на пандемијата од корoна вирус во Западен Балкан – изјавила за МИА амбасадорката на САД во Алијансата, Кеј Бејли Хачинсон. Оценката на Алијансата е дека нашата држава „е посебна цел на кампањата на дезинформации организирана од Кремљ“. И Црна Гора е таргетирана на сличен начин, каде веќе е распореден тим за идентификување и контрамерки на овој вид на напади.

Ако памтите, пред отприлика еден месец, и претседателот Пендаровски на прес-конференција кажа дека во Македонија, покрај вирусната, има и „епидемија на лажни вести кои креваат паника кај населението“, појаснувајќи дека „нашите надлежни служби детектираа неколку обиди за планско ширење лажни вести“ – „не се работи за незнаење, туку за организирано и планско делување, со цел дополнително да се влоши ситуацијата и да се изгуби вербата во институциите“, заклучи во таа прилика македонскиот претседател.

За да нема забуни, кога во НАТО зборуваат за создавање посебен тим во Македонија за борба со „хибридни закани“ на кои е изложена земјата, во тоа не влегуваат само контрирањата на класичните пропагандни активности низ медиумите насочени против интересите на Алијансата. Тоа е можеби и најмалиот, а најлесно видлив дел од работата, како едно романтично потсетување на 20-тиот век. Напротив, современите одговори на овие непријателски делувања подразбираат покренување на комплексен систем од контраразузнавачки мерки, финансиски истраги, технолошки решенија, комуникациски следења и, воопшто, опсежни анализи на огромен број на податоци со кои се идентификуваат, се систематизираат, се анализираат, а потоа и се елиминираат таквите хибридни закани. Да, да, баш како од сценаријата на шпионските трилери од холивудската продукција.

Во Македонија постојат повеќе политички и пропагандни центри на моќ – на страна неброени поединци, кои имаат демократско право да си мислат што си сакаат – кои и денеска не разбираат дека членството на Македонија во најголемата воена алијанса на планетава не е исто како зачленување во некое селско ловџиско друштво. Алијансата е огромен систем – пари, луѓе, стратегија на делување, оперативни планови, механизми и институции, со КОМАНДНА одговорност – кој работи 24/7 за да ги заштити своите, нашите интереси.

Тоа е така, бидејќи и од „другата страна“ стои сличен таков систем, за авансирање на неговите гео-политички интереси. И тие работат 24/7, без пардон.

Што ќе значи ова за Македонија во практична смисла?

Најнапред, да немате сомневање, кога веќе и официјално се објави формирањето на овој тим за борба против „хибридните закани“, тоа значи дека е завршен процесот за лоцирање и детална анализа на „адресите“ од кои се водат овие антизападни операции во и надвор од земјава.

Следствено, претпоставувам дека ќе секнат парите кои до сега „слободно“ се дистрибуираа, по официјални и неофицијални канали, за финансирање на ваквите активности. Некои луѓе (лукративни, наивни, занесени, изманипулирани или „расплакани“ со балалајките за бескрајните руски степи) љубезно ќе бидат замолени да престанат со организирање или лично дистрибуирање на дезинформирачките кампањи против интересите на државата. Некои други луѓе деликатно ќе бидат предупредени да ја прекинат политичката поддршка за ваквите антизападни центри на пропаганда и други видови на непријателско – тоа е точниот термин – делување.

Да нема забуни, НАТО не е, освен воена, и политичка алијанса која верува дека со гушење на демократијата кај своите членки ќе ги авансира своите интереси. Ама не се ни будали за да не знаат со кого, „од каршија“, си имаат работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот