Наши сограѓани чекаат на ред да купат инвестициско злато
Ние снемавме злато. Немаме од каде ни да набавиме. Состојбата не е таква само кај нас, насекаде е. Мора да се смири ова панично купување, порачуваат од „Инвест метал“
Цената на златото соборува рекорди, а тие што имаат вишок пари гледаат одлична можност за инвестирање во инвестициско злато. Треската што го зафати целиот свет ја зафати и Македонија. Наши сограѓани се запишуваат на список за да купат инвестициско злато.
Препорачано
Марјан Рангелов од „Инвест метал“ во изјава за „Слободен печат“ порачува дека „таквото панично купување не е добро ниту за купувачите ниту за продавачите“.
– Ние снемавме злато. Немаме од каде ни да набавиме. Состојбата не е таква само кај нас, насекаде е. Јас сум од Бугарија и таму состојбата е иста. Мора да се смири ова панично купување. Злато си е злато. И она што е ископано од римско време и ова сегашното – пак си останува злато. Во суштина неговата вредност како метал е иста, а само се менува соодносот со валутата – вели Рангелов.
Тој укажува дека свесноста на граѓаните насекаде се менува околу тоа дека инвестирањето во злато е добра и трајна инвестиција, но дека купувањето може и да се одложи. Вака и самата побарувачка прави притисок на цената.
– Цената на златото е во постојан раст. Во 2021 година кога почнавме да работиме, еден килограм злато беше 50.000 евра, а сега е 113.000 евра, значи за неполни пет години цената се зголеми повеќе од двапати – вели Рангелов.
Инвестициското злато е со висока чистота (обично над 995/1000). Кога го купуваат граѓаните, може да е направено во некој вид монета, или како плочка. На пример, Уни банка продава монета со ознака Виенска филхармонија од 3,11 грама за 24.479 денари, монета од серија Британија со тежина 15,5 грама по цена од 130.370 денари… „Инвест метал“ во моментов нема никаква понуда, но огласува дека очекува злато во форма на плочка од 100 грама што ќе се продава за 730.580 денари, а доколку некој сака да го продаде, тогаш цената е 708.600 денари. Се очекуваат и 50-грамски и 20-грамски плочки, а во идната понуда се ставени и различни видови монети.
– Со злато некогаш се разменувала стоката. Тоа е нешто што останало како карактеристика за златото – вели Рангелов.
За жал, во разни воени дејства низ светот се потврдило значењето на златото. Од нашата понова историја во регионот имаше многу „приказни“ што јавно се споделуваа кога во Босна се разменуваа драгоцени прстени и друг накит за малку храна.
Инвестициското злато е сосема различно од комерцијалното. Инвестициското злато е чисто и од него не се прави накит. Но, и накитот е нешто што во психата на луѓето останало како вреден подарок што може да се најде и во добро и во зло. Но, додека за инвестициското злато има навалица од тие што имаат вишок пари, во златарниците каде што некогаш имаше врвулица од „обични луѓе“, сега велат дека продаваат многу малку златен накит.
– Порано продававме за свадби, за крштевки. Сега за 100 евра може да се купат некои минијатурни обетки или приврзок. Народот нема пари ниту за златен подарок ниту за накит за своја душа – велат во една златарница во ГТЦ каде што посочија дека „откупот на злато во континуитет си врви“.
Државата има монетарно злато за 719,6 милиони евра
Свое инвестициско злато има и државата. Тоа обично се нарекува монетарно злато и влегува во државните резерви. На крајот на септември 2025 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 4,7 милијарди евра, од кои монетарното злато е 719,6 милиони евра.
Златото е важна компонента на резервите на централните банки поради неговите карактеристики на безбедност, ликвидност и поврат – трите клучни инвестициски цели за централните банки. Како такви, тие се значајни сопственици на злато, сочинувајќи околу една петтина од вкупното злато што е ископано низ историјата.
Според Светскиот совет за злато, во вториот квартал од годинава Македонија имала 6,89 тони злато како официјална резерва.
Инвестициското злато е ослободено од ДДВ и од данок на капитална добивка.


