Напади и убиства на аеродромот во Кабул

Еден авганистански член на обезбедување денеска е убиен кога припадници на авганистанските безбедносни сили и војници од Германија и САД се судрија со непознати напаѓачи на северната порта на аеродромот во Кабул, јави ДПА.

Тројца авганистански службеници се повредени во инцидентот во 6:43 наутро (02.13 по Гринич), објави германската армија на Твитер. Ним им е пружена лекарска помош во аеродромскиот комплекс.

Северниот влез има два сета на порти: Надворешните ги чуваат војници од авганистанската војска, а внатрешните американски војници.

Не е познато кој го изврши нападот. Вчера американската влада изрази загриженост поради потенцијален напад на терористичката Исламска држава на аеродромот или во близина.

Аеродромот е во хаотична состојба во последниве денови, кога западните држави ги евакуираат своите граѓани и локалниот авганистански персонал откако талибанските милитанти ја зазедоа земјата.

Невладината организација „Итна помош”, која работи со болница во Кабул, денеска соопшти дека од саботата наутро примиле 14 лица со тешки повреди. Шест лица донесени од аеродромот имале рани од куршум, објави групата на Твитер, додавајќи дека ниту еден не е во животна опасност.

Членовите на опозицијата, новинари, активисти за човекови права и локален персонал кои работеа за западните земји се плашат од одмазда од талибанците и се обидуваат да го напуштат Авганистан.

Меѓународните евакуации добија на темпо, а во тек се дискусии во кои се вклучени САД и нивните сојузници за одржување на американските сили на терен подолго за да се овозможи поголем број луѓе да бидат извлечени од земјата, пренесува ДПА.

Британскиот државен министер за вооружени сили Џејмс Хипеј денеска изјави дека премиерот Борис Џонсон на утрешниот виртуелен самит на г-7 ќе побара продолжување на мандатот на американските војници со цел да биде продолжен рокот на евакуација.

Меѓутоа портпаролот на талибанците веднаш реагираше и посочи дека доколку „САД и Велика Британија побараа дополнително време за евакуација – одговорот е не. Во спротивно ќе има последици”

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот