Наместо редовно, парадно чистење на Скопје, со снимки и „селфи“ со комуналците
Два дена брмчи механизацијата по скопските улици, дури граѓаните видоа дека сѐ уште во функција биле цистерните за миење на улиците, па дури и со шмркови со вода се чистеше плоштадот и кејот на Вардар. Колку ѓубре е исчистено во овие два дена, ќе биде соопштено утре.
Десетици камиони, метларки, цистерни, ѓубретарки и друга механизација со запалени светла, неколку стотици работници и сите општински градоначалници на чело со градоначалникот на главниот град, по неколку часови откако Орце Ѓорѓиевски ја презеде новата функција, започнаа да го реализираат ветувањето што тој го даде – за 72 часа да го исчисти Скопје од ѓубре.
Препорачано
Забрмчи механизацијата по скопските улици, дури граѓаните видоа дека сѐ уште во функција биле цистерните за миење на улиците, па дури и со шмркови со вода се чистеше плоштадот и кејот на Вардар, кои беа во ужасна состојба. И сето тоа проследено со многу видеа, снимки со дронови и фотографии од акцијата по социјалните медиуми. Се сликаа градоначалниците покрај комуналците и метлите, иако по редот на нештата одржувањето на јавната хигиена во градот треба да биде редовна и вообичаена, а не парадна активност, на чиј почеток присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
ВИДЕО/ФОТО: Скопските комуналци се собраа кај „Борис Трајковски“, почнува тридневната „генералка“
Колку ѓубре е исчистено во овие два дена ќе биде соопштено утре. Во текот на денешниот ден дел од граѓаните по социјалните мрежи негодуваа дека по уличките низ населбите сѐ уште не е исчистен сметот, но како што нагласи градоначалникот на толку насобран отпад треба камионите да поминат во неколку наврати за да се забележи ефектот.
Уште од вчера бевте сведоци дека од првиот ден по преземањето на градоначалничката функција, почнавме „генералка“ за чистење на нашиот главен град. И тоа нема да биде само 72-часовна акција, тоа ќе продолжи во континуитет, буквално секој ден. И она што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака, сè се може. Тоа е, всушност, наша обврска, а за тоа граѓаните нè плаќаат – истакна Ѓорѓиевски.
Претходно од СДСМ реагираа дека скопјани сега виделе зошто било оставено ѓубрето и зошто ништо не се преземало со месеци.
Ова е срамен однос и потценување на сопствените граѓани. Додека светот и регионот напредуваат со вештачка интелигенција, додека нашите соседи праќаат сателити во орбитата, ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски нè доведоа до ова дереџе, до намерни блокади за да се прави пи-ар. Скопје и скопјани не заслужуваат ваков потценувачки однос туку чист, модерен и организиран град, со систем што функционира, а не трикови за пи-ар употреба – соопштија од СДСМ.
И премиерот искажа задоволство од акцијата иако призна дека делува смешно да се зборува за чистење смет во 21 век. Според него, новиот градоначалник успешно од самиот почеток се справува со ѓубрето, а како што нагласи, во животот нема втора шанса за прв впечаток, така што многу е важен првиот впечаток и е уверен дека Ѓорѓиевски ќе го оправда позитивниот впечаток и во иднина.
Ѓорѓиевски: Тоа што вчера го почнавме не е маркетинг, „генералката“ ќе продолжи секој ден
Сепак, досега јавноста не доби одговор како за толку кусо време, броено во часови, од 16 оперативни камиони на „Комунална хигиена“ бројката стигна до 40, кои биле во меѓувреме поправени. Зошто, ако тоа било толку едноставно, потребната механизацијата не се сервисирала досега и како сега се обезбедиле и со кои средства делови за сервисирање, за кои комуналците се жалеа дека претпријатието не ги набавува.
Освен акцијата за чистење Ѓорѓиевски за неколку часови од преземањето на функцијата успеа да отпушти, заклучно со денеска речиси 400 вработени во јавните претпријатија, кои како што рече, не доаѓале на работа, а земале плати и празнични дневници додека останатите работеле.
Тој на денешната прес-конференција посочи дека отпуштањата се законски, а на нивно место нема да се примаат нови луѓе.
Вчера имавме листа од 371 лице што земале плата, а не се појавувале на работа. Денеска таа бројка е 398 и очекувам да стигне до 500. Тоа се најмалку 5 милиони евра годишно, или 20 милиони евра за 4 години, пари што можеле да се вложат во проекти како Луна парк за Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Новиот градоначалник обвини и за злоупотреби во јавните претпријатија и ги повика надлежните институции да ги истражат тие сознанија.


