Наместо комплет документи, „Информација“ на еден лист!?

Талат Џафери
Талат Џафери / Фото: МИА

Џафери изјава за МИА дека сите документи се веќе јавно достапни на веб-страницата на Владата, во оригинал, и преведени на македонски јазик, секој може да ги види, па не се очекува тој да ја врати Информацијата до Владата.

Партиите ВМРО-ДПМНЕ и Демократски сојуз бараат претседателот на Собранието Талат Џафери да ја врати до Владата Информацијата за францускиот предлог, бидејќи не содржи ниту еден документ. Тие бараат Владата да ги испрати до Собранието сите документи, вклучително и преговарачката рамка, а Џафери да не го девалвира Собранието и без целиот пакет документи да не закажува седница за францускиот предлог. Џафери изјави за МИА дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види, па не се очекува тој да ја врати Информацијата до Владата.

Засега нема информација кога ќе биде закажана седницата за францускиот предлог.

– Ова е класична девастација и девалвација на Собранието, злоупотреба и симнување на Собранието на најниско ниво. Материјалот што е стигнат од Владата до Собранието се заснова на информација за Предлог-преговарачка рамка од еден лист. Срамота е за Владата и за државата, а уште поголема срамота за Собранието што прима вакви документи – рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во писмото што ВМРО-ДПМНЕ ги испратило до Џафери се вели дека материјалот што го добиле се заснова само на информација за преговарачката рамка, но не и документот Заеднички став за ЕУ, Предлог-преговарачката рамка, Предлог-заклучоците на Советот и најглавниот – билатералниот протокол помеѓу Македонија и Бугарија. Според Мицевски, криењето на тие документи, ја зголемува загриженоста дека пакетот документи е штетен за Македонија.

– Апелираме билатералниот протокол да биде објавен веднаш. Ова е класичен пример за префрлање на одговорноста за штетниот француски предлог врз пратениците, се работи за меѓувладина конференција што ја одобрува и ја потпишува Владата, не Собранието. Нема да дозволиме да се кријат зад нас, пратениците. Го повикуваме Џафери да не го вовлекува Собранието во оваа игра на Владата – рече Мицевски. Тој рече дека на координација со пратеничката група допрва ќе решат како ќе дејствуваат ако Џафери ја стави Информацијата на дневен ред.

Трајанов побара Џафери да ја отфрли Информацијата, а на Владата ѝ порача дека не смее да го крие билатералниот протокол.

– Добивме нецела страница од Владата. Тоа е несериозен и неодговорен пристап. Џафери не може ова да го прифати како информација, таа не ги задоволува деловничките критериуми. ДС се залага во Собранието да има расправа, да се подготват заклучоци што ќе бидат прифатливи за сите, посебно за ВМРО-ДПМНЕ. Не верувам дека би било во ред Собранието да донесе заклучоци со надгласување. Нема да учествуваме во расправа ако не се договорат прифатливи заклучоци. Владата треба да направи обид овие сугестии да ги имплементира, да разговара со Бугарија, ЕУ и со САД и да направи обид за корекции во преговарачката рамка – рече Трајанов.

Според пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ, одговорност за европскиот предлог е на законодавниот дом преку носење заклучоци, во согласност со собраниските процедури.

– Сите политички партии, сите пратеници во Собранието треба да покажат одговорност, државност, да придонесат со дијалог, конструктивност во носењето на конечната одлука – изјави Коциќ.

Тој нагласи дека СДСМ има заклучоци што гарантираат доследно придржување кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара во кое било време и околности, односно не се дел од преговарачкиот процес.

Мицевски е дециден дека нема поента да продолжат средбите на партиските работни групи за францускиот предлог, бидејќи очигледно со власта разговараат за различни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот