Најново нормално: Уметноста како утеха и во најтешките времиња

Доловувањето на уметноста и умешноста да се привлече публика не е лесно, додека за кураторката Бојана Јанева, која викендов ја започнува февруарската сесија од „Најново нормално“ во МСУ, оваа задача е уживање.

Секое доближување на луѓето до љубовта кон уметноста, кураторката Бојана Јанева го смета за личен успех. Со неповторливиот талент активно ја пренесува таа уметност на другите, а целта на секоја нејзина тура е барем на неколку часа да се оттргнеме од проблемите во животот и да ја исполниме душата.

Како историчарка на уметност која магистрира на Универзитетот Мастрихт во Холандија, има долгогодишно искуство како кустос и како куратор на многу изложби, во двете најзначајни културни установи кај нас, Националната галерија на Македонија и Музејот на современата уметност во Скопје. Во уметноста наоѓа утеха за сите проблеми: според неа, кога човекот впива уметност, се лачат хормони на среќа и задоволство. Во изјава за „Културен печат“, Јанева проговори за тоа колкав предизвик е да се одржуваат културата и уметноста во услови на пандемија.

– Повеќето од луѓето кои се занимаваме со уметност, нашиот професионален ангажман го доживуваме како идентитетска определба за/од која живемее. Па, сите се потрудивме за изнаоѓање на други форми за реализација на зацртаните идеи и проекти – објаснува Јанева.

Додава дека тагата и стравот што ги чувствувала во периодот на „запирање на светот“, ја натерале да ги преиспита своите лични приоритети и да размисли што може да направи за да помогне да се „олесни менталната и емоционална тензија во воздухот“. Оттука, се раѓа и идејата за „Најново нормално“, односно културно-едукативните тури кои започнаа во културните установи во Скопје што продолжија да работат.

– Викендов ми започнува февруарската сесија од „Најново нормално“ во МСУ, каде во тек се две изложби кои носат светски афирмирани актуелни уметници во Скопје. Освен што тековно секој месец планирам да се одвиваат посетите на интересни и значајни изложби до пролетта, во периодов интензивно работам и на дигитализација на проширена понуда која би била специјализирана од три области кои се мои теми на интерес, истражување и работно искуство, како „Современа уметност СКП“, „Византиско СКП“ и „Брутализам СКП“ – објаснува Јанева.

Ништо не е тешко, кога се сака

Работењето со млади е голема страст на Јанева, која ја прашавме и колкав е предизвикот да се пренесе современата уметност на детските умови.

– Предизвик е, навистина, но тоа само ме мотивира да се надградувам. Во подготовките за „Најново нормално“, освен што користам најразлични извори за едукативен пристап и го надградувам и личното познавање на авторите преку каталози и нивни изјави на социјалните мрежи, доколку се македонски уметници ги контактирам, бидејќи секогаш има нешто ново да се дознае од нив, што не е никаде напишано или кажано – вели таа.

Се надева и дека во иднина ќе соработува и со невладини здруженија што прават изложби, настани и уметнички акции значајни за развојот на културната сцена.

Сесија „Најново нормално“ со Бојана Јанева во Националната галерија

За неа е охрабрувачки дека, според реакциите на досегашните посети, каде доаѓаат и посетители кои не се редовна музејска публика, нашиот народ има „сенс“ за уметност и дека сите сме „изгладнети за културни настани од овој тип“.

– Децата особено се „лакмусова хартија“ за доживување на уметноста. Воодушевена бев, подеднакво и од македонските и албанските дечиња кои вистински го доживуваа и толкуваа Ташковски во НГМ, па оттука сметам дека сите кои живеат во Македонија сме надарени и имаме „сенс“ за уметност, на нас е да го негуваме тоа и во себе и во идните наши поколенија – заклучува Јанева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот