Најмалиот износ за К-15 годинава е 16.000 денари, а почнува од први јули
Компаниите добиваат зелено светло од 1 јули да исплаќаат К-15 за 2024 година, а законската обврска на работодавачите е да го исплатат до 31 декември. Најмалиот износ што треба да легне на сметките е околу 16.000 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето плата во Македонија – 39.771 статистички просек за периодот јануари-март годинава.
Препорачано
Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, износот може да биде и поголем, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата. Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе исплаќаат К-15 до 40.000 денари!
Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор. Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто.
Токму одредбата дека фирмата била финансиски нестабилна, беше мета на чести критики во изминатите години, како од Државниот трудов инспекторат, така и од ССМ, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавачите. Дотолку повеќе што со ова не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за „тешкотии во работењето“, што е многу широк и растеглив поим.
Од лани во јули, со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, правото на регрес за годишен одмор како општа категорија во износ од 10.000 денари, стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Поточно, за првпат по две децении, регрес добија и наставниците. Претходните информации говорат дека во 2000 година, вработените во образованието го добиле последниот износ на К-15, но наместо пари тој им бил исплатен во канти сирење, маслинки или салами. Освен наставниците регрес лани добија и органите на државната и на локалната власт и друг државен орган основан во согласност со Уставот и закон, како и институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Република или од општина, од градот Скопје, како и од општина во градот Скопје.
– Неисплата не е во опција, а нема ни оправдување за непочитување на Колективниот договор – децидни се од ССМ. Судовите постапуваат по тужбите кои ги поднесоа нивните членови, а има и пресуди во нивна корист. И покрај високите казни, лани до ССМ се евидентирани над 3.000 обраќања за прекршено право на регрес за годишен одмор.
Речиси 40 отсто од фирмите не исплатиле К-15 за 2022 година
Според податоците од Државниот завод за статистика, во државава има околу 70.000 активни претпријатија, а според УЈП во 2022 година регрес за годишен одмор, исплатиле само 42.720 фирми!
Во 2021 година највисокиот исплатен регрес бил во висина од 33.780 евра. По овие фрапантни бројки, следувале исплати од 5.040 евра, 4.878 евра, 3.024 евра и 2.926 евра. Овие суми на К-15 се исплатени во дејностите: товарен патен транспорт, истражување на пазарот и испитување на јавно мислење, сметководствени книговодствени и ревизорски работи и даночно советување, компјутерско програмирање, трговија на мало со цвеќе садници, откри анализата на порталот „Пари“ за 2022 година.


