Најдебелиот пациент во Македонија има 288 килограми, годинава ќе се оперираат 40 обезни лица на товар на ФЗОМ
Фондот за здравство годинава ќе покрие операции за 40 пациенти со прекумерна дебелина (обезност) кои што имаат индикација за операција. Ова го тврди директорот на Клиниката за дигестивна хирургија доктор Огнен Костовски. Денеска се одбележува Светскиот ден на дебелината.
Препорачано
Најдебелиот пациент во Македонија има 288 килограми, според информациите на доктор Ирфан Агмети од Научното здружение за обезност.
-Пациентот ни кажа дека случајно паднал и се повредил, по што се загрижил и почнал да ја лекува дебелината. Секогаш мора да има мотивација кај пациентот да го посети Центарот за менаџирање на обезност. Таму работи тим кој работи на пријателско интервјуирање со пациентот за тој да сфати дека сме посветени. Сакаме да имаме успех да ја намали телесната тежина. Вклучена е лабораторијата, поставување на други дијагнози што се поврзани со ова. Многу е важно да се направи вистинска селекција и да дојдат вистинските пациенти, рече доктор Ахмети.
Директорот на Клиниката за ендокринологија доктор Хасан Танер вели дека хирургијата за обезност е крајна инстанца и ексклузивитет а годинава на 40 лица ќе им биде овозможена во Македонија на товар на ФЗОМ за да не одат да се оперираат во странство.
– Од тие 40 пациенти, имаме 30 кои би биле за хируршко лекување и 10 за експандирачка капсула. На крајот на месецов или следниот би почнале првите интервенции. Пациентите ќе бидат регрутирани преку центрите за дебелина и за нив е обезбедена психолошка поддршка, вели доктор Костовски и додава дека е добро што овие хируршки процедури се сфаќаат како интервенции за заболување, а не за естетика.
Првите интервенции ќе бидат изведени со помош на странски хирурзи.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека во Македонија има сериозна бројка на лица со дебелина а над 35 проценти се обезни, што значи дека имаат индекс на телесна маса над 30.
Обезноста е хронична болест која ако не се превенира доведува до бројни компликации – дијабетес, срцеви заболувања, хипертензија. Крајната инстанца е инвалидитет.
Министерот за здравство Таравари вели дека наскоро во болницата во Прилеп ќе се отвори амбуланта за совети и препораки за обезни лица, а се прават напори да се отвори и Центар за менаџирање на обезноста во Детската Клиника бидејќи дебелината кај децата е загрижувачка.


