Надлежните бараат МВР да открие кој ја опожарил атмосферска канализација кај мостот на Серава

Фото: ЈП „Водовод и канализација“

Претпријатието во однос на овој случај поднесе две пријави за стореното дело, една за кражба на капаци на шахтите и една за опожарување на атмосферската канализација.

Завршена е реконструкцијата на опожарената атмосферска канализација на улицата Александар Урдаревски во општина Бутел, откако пред неколку дена при рутинска проверка на атмосферската канализација на оваа улица кај мостот на реката Серава, екипите на ЈП „Водовод и канализација” открија вандалски чин кој, како што велат, е на голема штета на претпријатието, но и на самите граѓани и претставува опасност за нивната безбедност.

 При проверката на оваа линија беше установена кражба на капаците на шахтите, опожарување на шахтите, но и на самите цевки кои се дел од атмосферската канализација. Веднаш по овие сознанија, случајот беше пријавен во Општина Бутел и во МВР од каде беше извршен испекциски надзор и случајот беше заведен од страна на надлежните институции – соопштија од „Водовод и канализација“.

Екипи на претпријатието извршија целосна реконструкција на цевката со дијаметар од 1000 милиметри, во должина од 70 метри, вклучително и на двете шахти, како дел од оваа линија. ЈП „Водовод и канализација” во однос на овој случај по службена должност  поднесе две пријави за стореното дело, една за кражба и една за опожарување на атмосферската канализација.

Оттаму го осудија ваквото неодговорно однесување на групи поединци, кои нанесуваат штета не само на претпријатието, туку и на граѓаните. Осуда за ваквиот чин стигна и од Град Скопје, но и од Општина Бутел, од каде апелираа до МВР да ги преземе сите механизми за да се најде сторителот на овој вандализам.

Во изминатиот период, особено во деновите со врнежи од дожд, јавното претпријатие спроведе акција за расчистување на атмосферската канализација. Екипите на „Водовод и канализација“ ги расчистуваа сливниците и шахтите на територија на Скопје со цел нормална и непрекината функционалност на атмосферската канализација.

Инаку, деновиве на дневен ред пред советниците на Советот на Град Скопје беше финансискиот извештај за работењето на ЈП „Водовод и канализација“ за првиот тримесечен период од оваа година.

Во првото тримесечје бележиме раст на приходите, намалување на трошоците и зголемени инвестиции за над 30 проценти. Податоците говорат дека е остварена нето добивка од 81.924.851 денари или вкупно е остварен финансиски резултат којшто е подобрен за 196.333.653 денари во споредба со истиот период минатата година – посочи директорот Златко Перински.

Тој додаде дека приходите се зголемени за 6 отсто, а расходите се намалени за 3 5отсто. Зголемена е и  наплатата за вода за вкупно 14 отсто или одделно по категории – кај домаќинствата за 1 отсто и кај стопанството за 40 отсто. Како што истакна Перински, зголемени се и инвестициите во мрежите во сопствено производство за 35 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот