Надал: На Новак повеќе му значат рекордите
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал во интервју за Метро, вели дека не е целосно фокусиран на соборување на рекордите како што тоа е случај со Новак Ѓоковиќ.
Рожер Федерер и Надал моментно имаат по 20 грен слем титули, додека Ѓоковиќ е на бројката од 18 титули на најголемите тениски турнири.
Ѓоковиќ неодамна го собори рекордот по бројот на недели поминати на првото место на АТП ранг листата по што најави дека наредна примарна цел му е да стане тенисер со највеќе грен слем титули.Надал вели дека има поинаков пристап од Ѓоковиќ.
– Уживам во тоа што го правам и среќен сум што играм тенис. Нормално едека сакам да освојам повеќе грен слем трофеи, во тоа нема сомнежи. Но, никогаш….
Мислам дека Новак е поопседнат со тоа, пофокусиран на таа цел – вели Надал.
– Не мислам на тоа во негативна смисла. Не, тој е пофокусиран на тие работи од мене, на него му значат повеќе, секогаш зборува за тие рекорди и секоја чест за него. Но, тоа не е мојот пристап во кариерата. Имам здрави амбиции, бидејќи доколку немав, тогаш немаше да бидем во позиција во која сум сега. Најверојатно имам поинакви амбиции од Новак.
Надал потоа го објасни својот пристап.
– Само продолжувам понатаму, продолжував да го правам тоа што го правев досега и се обидувам да бидам во позиција да уживам во тенисот и да постигнам што е можно повеќе. Задоволен сум од мојата кариера, всушност бев задоволен и пред неколку години, но не сум помалку мотивиран поради тоа. Сепак, не сум фрустриран доколку загубам на турнирите, се обидувам поинаку да им пристапам на работите.