Агенција за вработување/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Над 42 милиони евра ќе тежи Оперативниот план за вработување за 2026 година

Постои голем интерес од младите до 29 години да користат мерки за работа. Во Владата треба да разговараме за тоа како да најдеме уште пари од Буџетот, вели министерот за економија Бесар Дурмиши.

Во Буџетот за наредната година има 2,6 милијарди евра, или 42,3 милиони евра наменети за Оперативниот план за вработување. Со ова буџетот за мерките е зголемен за 1,6 милиони евра во однос на овогодишниот Оперативен план за вработување. Министерот за економија Бесар Дурмиши смета дека навистина се потребни повеќе пари затоа што има многу голем интерес од младите до 29 години.

– Од сите мерки, најголем интерес има за оние што се наменети за млади до 29 години. Нивното учество е 86,5 проценти, а жени се 40 отсто. Да имаше повеќе пари, ќе ги искористевме. Во Владата треба да разговараме за тоа како да најдеме уште пари од Буџетот – рече Дурмиши на брифинг со новинарите информирајќи за искористеноста на парите заклучно со 31 октомври.

Тој вели дека според направените консултации со надлежните од Агенцијата за вработување, активностите предвидени со Оперативниот план за 2025 година продолжуваат непречено.

– Особено е важно што кај сите мерки каде што веќе има започнато активности, евидентна е значајна успешност, што укажува на добар одзив и функционален спроведувачки систем – вели Дурмиши.

Сепак, тој нагласува дека за некои мерки дури има и кусок пари, а за некои нема голем интерес, па затоа би требало во новиот Оперативен план да се раководиме во согласност со интересот.

– Заклучно со 31 октомври, вкупно се евидентирани 10.821 апликации од лица и 3.141 апликација од правни субјекти, што покажува силен интерес кај граѓаните и кај компаниите за програмите за вработување и обука. Најпопуларни мерки според број апликанти се Поддршка за самовработување (невработени млади лица до 29 години) – 2.236 апликанти; Поддршка за самовработување над 29 години – 2.018 апликанти. Овие податоци се потврда дека претприемништвото останува најатрактивна мерка – вели Дурмиши.

За мерката „Вработување и раст на правни субјекти“, која поддржува нови вработувања, се пријавени 2.342 апликанти. За обуки за побарувани занимања има 1.256 апликанти. Се потврдува зголемениот интерес за стекнување практични, побарувани вештини. Младите го препознаваат практикантството како шанса за прво работно искуство и за практикантство се пријавиле 1.578 апликанти.

Дурмиши информираше дека 100 проценти реализација имаа мерките: Поддршка за зелени инвестиции и Обука и вработување лица со попреченост. Меѓу мерките со најголема реализација е и Младински додаток – 64,7 проценти, Вработување и раст на правни субјекти – 71,5%, додека мерката Обуки за побарувани занимања е реализирана 41,7%.

– Програмите за самовработување, обуки и практикантство остануваат најпривлечни и најмасовни, што укажува на растечки интерес за активно вклучување во пазарот на труд. Сепак, дел од пилот-мерките (особено во делот на ИТ и основни вештини) сè уште се во рана фаза и ќе треба дополнително да се засилат процесите на селекција и јавни набавки за нивна целосна реализација – вели Дурмиши.

Во Предлог-буџетот за 2026 година, кој е во собраниска процедура, пишува дека парите во Оперативниот план за вработување ќе бидат насочени кон креирање програми, мерки и услуги за вработување за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, создавањето нови работни места, вработување млади лица, поддршка за вработување лица со попреченост и овозможување на корисниците на гарантирана минимална помош да се вклучат во активните програми и мерки за вработување.

„Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, како резултат на отворање на нови производствени капацитети и проширување на постојните, активни мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2026 година изнесува 1,6 проценти, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 10,1 процент“, пишува во Предлог-буџетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот