Националистите повторно победуваат на Балканот

Благојче Атанасоски

Во тотално затруените општества, и македонско и бугарско, со една презентирана историска „вистина“ за тоа што претставува „Македонија и македонското национално прашање“, речиси е невозможно да се отвори простор за нови историски вистини и погледи.

Како што се засилуваа заканите од официјалните бугарски државни власти дека ќе бидат блокирани нашите евроинтеграции, т.е. дека Бугарија нема да дозволи да ги почнеме преговорите за наше полноправно членство во Европската Унија, на кои чекаме повеќе од петнаесет години, така предупредував дека можеби новонаметнатиот историско-идентитетски проблем од официјална Софија ќе биде еднакво тежок, дури можеби и покомплексен од тој што го имавме со јужниот сосед околу употребата на нашето (уставно) име.

По катастрофалното бугарско вето во декември исто така укажував дека не треба ни да се подгреваат надежите дека бргу-бргу, веднаш по парламентарните избори кај нив, македонските и бугарските власти ќе го тргнат ова прашање од „дневниот ред“ и ние лесно ќе ја отвориме првата меѓувладина конференција со ЕУ, како што го правеа тоа политички аналитичари, новинари, политичари и официјални владини функционери, па дури и премиерот Заев, за сега да гледаме едно претпазливо ретерирање во оптимистичкото предвидување дека спорот ќе се реши во својот апогеј. Бесмисленост и неодговорност во нашата надворешна политика.

Гласот на разумот е минорен во двете општества!

 

Немаше тема минатата година во замрсените македонско-бугарски односи, особено кога станува збор за историско-идентитетското оспорување, за културолошко-јазичното, за поимањето на националното, за која не сум дал изјава, со која сум сакал да дадам едно максимално објективизирање на вистината и покрај тоа што бев „контроверзно“ напаѓан и обвинуван од некои наши „патриотски“ медиуми, односно едвај препознатливи порталчиња, дека ја „распродавам“ македонската историја.

Едноставно, се обидував да бидам гласот на разумот од двете страни на границата, просто, бидејќи до срж ја познавам генезата на македонско-бугарскиот национален проблем, и се обидував да дадам колку-толку некои насоки и предлози, со кои постепено може да се постават работите во некоја институционална рамка и по нив ќе се водиме со ладна памет, чиста свест и мирна совест од двете страни на границата за да може сите да бидеме победници. За жал, бајракот на патриотизмот и источно и западно од Осоговските Планини го зедоа најрадикалните и најпримитивните ултрадесничарски идиоти (не патриоти) и тие ја подигнаа „цената на влоговите“ во однос на овој неверојатен спор, нерезбирлив до непрепознатливост, односно до неможност за решавање.

Проблемот е следен: во тотално затруените општества, и македонско и бугарско, со една презентирана историска „вистина“ – во изминатите 75 години кај нас и повеќе од 120 години кај нив – за тоа што претставува „Македонија и македонското национално прашање“ во времето кога етногеографската територија на Македонија се наоѓала во рамките на Отоманската Империја, па и потоа, кога била распарчена со Букурешкиот мировен договор, речиси е невозможно да се отвори простор за нови историски вистини и погледи. Толку е контаминирана јавната сфера и сензибилизирана по ова прашање, што веднаш хистеризацијата се „пушта на најјако“ и бивате распнат и растргнат на „столбот на срамот“ како најголем национален предавник, бидејќи сте се обиделе да направите отстапување од национално прифатените догми по ова прашање и во рамките на македонското национално милје и во рамките на бугарската национална „вистина“.

 

Неповратно затворени во својот свет!

 

Па така, Стефан Дечев, Ивајло Дичев, Марија Тодорова, покојниот Георги Коритаров беа честопати не само критикувани, туку и обвинувани за бугарско предавство на националните интереси во момент кога на „мајка Блгарија“ конечно „победува во историскиот спор со Македонија“ и кога нејзините пет минути за доминација и за „кажување на историската вистина пред Европа и пред светот“ конечно дошле. Кај нас, пак, дежурна баба-рога за „предавство“ на македонските национални интереси, штом станува збор за односите со Бугарија, е поранешниот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Кон него се истураат сите национални фрустрации и комплекси на целокупната македонска јавност и тие на македонските историчари, кои – чест на неколкумина исклучоци – се тотална интелектуална промаја, повеќе во функција на бранење некаква замислена национална гордост, отколку за презентирање на историската вистина.

Освен Георгиевски, честопати мета на отстрел бил и првиот министер за надворешни работи, професорот по меѓународни политички односи од Правниот факултет во Скопје, Денко Малески, кога ќе се обидел да даде некое „ерес“ толкување по однос на „контроверзната“ историја на Македонија. Тука е и експремиерот од редовите на СДСМ, актуелен специјален преговарач со Бугарите, Владо Бучковски, ако сакате и лидерот на ГДУ, штипјанецот Петар Колев, но и мојата скромна маленкост, која била „омаловажувана и распнувана“ на одредени петпарачки портали и на социјалните мрежи, како по налог.

За што правиме, тогаш ние муабет? Кога, едноставно сме како со национално опсесивно-компулсивно растројство за ова прашање и во двете држави и во нивните национално-историско-политички кругови и не даваме ни грам можност ни зрак (нова) светлина да се фрли врз историските настани и односи, за да може денешните настани и односи помеѓу двете држави и општества да се релаксираат, да се упристојат и нормализираат.

Бараме решение на проблемот? Ќе го најдеме, ама можеби по неколку децении, кога повторно ќе му збоктиса на стратешкиот пријател „чичко Сем“ и ќе дојде ќе не седне на маса, (у)кажувајќи дека „играта заврши“. И повторно нема да сфатиме и да прифатиме дека сме биле невидени будали кои изгубиле децении во своите односи, карајќи се за можеби битни национални прашања, но во суштина апстрактни и прашања закопани во минатото, додека светот веројатно веќе слетал на Марс.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот