Националниот џез оркестар ќе одржи заеднички концерт со студентите од ФМУ – Скопје и Џез академијата – Штип
Концерт посветен на креативноста, енергијата и талентот на новата генерација џез-музичари ќе се одржи на 7 октомври (вторник), со почеток во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија.
Препорачано
На иста сцена, во единствена музичка средба, ќе настапат студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје и Џез академијата – Штип, заедно со искусните членови на Националниот џез оркестар.
Овој концерт, кој се одржува по вторпат, ја продолжува успешната традиција на соработка меѓу младите таленти и Националниот џез оркестар. Настанот претставува значаен чекор во афирмацијата на новата генерација џез-уметници, овозможувајќи им да настапат рамо до рамо со докажани професионалци и да го развијат својот уметнички потенцијал.
Со оваа иницијатива се создава простор за меѓугенерациска размена и се поттикнува развојот на џез-културата во нашата држава. Влезот на концертот е слободен.


