Фото - Фонд за здравствено осигурување
Фото - Фонд за здравствено осигурување

На трошок на Фондот генетски ќе се испитува ембрионот пред ин витро

Лабораторија на Природно-математичкиот факултет во Скопје отсега на товар на Фондот за здравство ќе прави напредни молекуларни анализи за дијагностика на онколошки состојби. На ваков начин, според ФЗОМ најсовремените молекуларно-дијагностички процедури вклучително и генетските анализи за онколошки заболувања, стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот. Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски најави воведување на генетска дијагностика што во моментов не се работи во земјава, а ПМФ е соодветно опремен да ја работи.

– Тоа е предимплантациската генетска дијагностика која се практицира при ин витро. Односно со земање на неколку клетки од ембрионот пред всадување, се утврдува дали идниот плод е здрав, односно дали има генетски болести. Со тоа се зголемува успешноста на бременоста. Колку е ембрионот поздрав успешноста на ин витрото е зголемена. Во моментот тоа не се работи во Македонија, мислам се работи во некои соседни земји. Земајќи во предвид зголемената потреба од ин витро, секако сакаме да мислиме и на зголемената успешност на ин витро обидите. Ги зголемивме на шест обиди на сметка на Фондот. Сега сакаме да додадеме услуги кои ќе ја зголемат и успешноста на ин витрото во смисла на родени здрави деца – рече Клековски.

Денеска тој се фокусираше на онколошките пациенти. Тој смета дека со вклучување на лабораторијата на ПМФ ќе се намали времето на чекање за да почне терапијата за онколошките пациенти.

– Со овој договор сакавме да постигнеме две цели. Прватае да го подобриме капацитетот за онколошки анализи. Втората цел што сакаме да ја постигнеме е оваа установа да добие можност и за апликативна работа. Тука се образуваат идните генетичари за сите лаборатории низ Македонија и сметавме дека добро е уште во фаза на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности – рече Клековски.

Деканот на ПМФ, Даворин Трпески нагласи дека факултетот ќе помогне во здравството освен во образованието.

– Најголем дел или преку 90 отсто од средствата ги обезбеди Министерството за образование за да може да се направи ваква лабораторија, со која навистина можеме да се пофалиме и која е една од најрепрезентативните од таков тип во регионот. Особено ми е драго што овие народни пари кои беа вложени на факултетот и во лабораторијата, сега преку Фондот за здравствено осигурување повторно се враќаат кај осигурениците преку услуги кои ќе ги даваме во наредниот период – додаде Трпески.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот