На спорната територија со Гвајана, Венецуела создава нова држава

Карта на „велика“ Венецуела на предреферендумските митинзи во Каракас - Фотографија ЕПА, Мигел Гутјерез

Пратениците во Венецуела, сојузници со Владата на претседателот Николас Мадуро, одобрија создавање на нова држава на територија која е предмет на долготраен спор со соседна Гвајана, иако правниот случај на меѓународниот суд се уште не завршил, објавија британските медиуми.

Одлуката е во согласност со неодамнешните тврдења на Мадуро за наводното право на неговата земја да владее со регионот Есекибо од 160 илјади квадратни километри, но нема да има моментален практичен ефект.

Во декември, по состанокот меѓу Мадуро и неговиот колега од Гвајана, двете страни се согласија да избегнат употреба на сила и да не ги ескалираат тензиите во спорот.

Меѓународниот суд на правдата на ОН мора да одлучи на која земја и припаѓа територијата. Но, венецуелската влада рече дека не го признава Меѓународниот суд на правдата и дека откако Венецуелците го поддржаа создавањето на нова држава на референдумот во декември, тоа и дава право да го контролира Есекибо и да дозволи истражување на нафта таму.

Изборните власти на Венецуела објавија дека повеќе од 10 милиони Венецуелци гласале на референдумот во декември, но резултатите се уште не се објавени.

Гвајана рече дека за нејзините граници не може да се преговара и дека ќе го брани својот суверенитет.

Законот за основање на новата држава, наречена Гвајана Есекиба, ќе стапи на сила веднаш по нејзиното официјално објавување.

Според законот, границите на земјата ќе бидат Атлантскиот Океан на север, Бразил на југ, Гвајана на исток и венецуелските држави Делта Амакуро и Боливар на запад.

Градот Тумеремо, во Боливар, ќе служи како главен град „до постигнување практично и взаемно прифатливо решение за територијалниот спор со Гвајана“, се вели во текстот на законот.

Во последниве години, Венецуела ги обнови своите претензии за територијата и нејзините крајбрежни области по откривањето на големи наоѓалишта на нафта и гас и во услови на претстојниот внатрешен политички пресврт пред изборите подоцна оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот