На малите екрани: Крими-приказна во тежок историски контекст

Периодов на малите екрани кај нас се емитува наградуваната ТВ-серија „Вавилон Берлин“. Оваа нео-ноар драма е најскапата што некогаш била снимена во Германија, а воедно е и најскапа продукција од неанглиското говорно подрачје. Адаптацијата од истоимениот крими-роман на германскиот писател Фолкер Кучер ја прави режисерот Том Тиквер, кој на публиката веќе ѝ е добро познат и по други историски филмови, како „Парфем: Приказна за еден убиец“ од 2006 година.

„Вавилон Берлин“ е првата книга која станува меѓународен бестселер на Кучер, кој вешто го претставува животот на Гереон Рат, детектив што ќе се најде во кругови на дрога, секс, политички интриги и убиства во Берлин, во време во кое Германија се тетерави на работ на нацизмот. Во серијата е прикажан гламурозниот живот на висока нога во Берлин во динамичниот период на 20-тите години од минатиот век. Сцените се мешавина од сиромаштија и луксуз, експлицитни секс-сцени во клубови, но и видлива закана од доаѓањето на насилните нацисти. Пролетта во 1929 година, Берлин е жива метропола на повоената Германија, полна со кафе-барови, бордели и незадоволни работници спремни на бунт. Според Тиквер, Берлин тогаш минува низ културна експлозија, вртоглав пад на моралните вредности и тотален хаос.

Приказната се одвива околу полицаецот Гереон Рат, кој е нов во градот, а откривањето на труп без идентитет го гледа како можност да влезе во одделот за убиства. Наоѓа поврзаност со круг на протерани Руси од опозицијата кои сакаат да купат оружје во замена за шверцувано злато и да направат пуч. Но, и други се обидуваат да дојдат до тие злато и пари, па Рат ќе се соочи со паравоени организации и моќни криминалци. Патем се вљубува во Шарлот, дактилографка во одделот за убиства и се заплеткува во случајот толку многу, што и самиот станува осомничен.

Во режијата на серијата од 3 сезони, за која е најавена и четврта, на Тиквер му се придружуваат колегите Аким фон Борис и Хендрик Хандлегтен. Заедно, го развиваат сценариото со мудро испреплетените приказни, правејќи ја една од најдобрите ТВ-серии продуцирани во Германија.

Во приказната силно се чувствува болниот политички контекст на периодот на нацистичкото владеење. Според Тиквер, целта на триото режисери е публиката да го доживее целиот период, а не само да гледа возбудлива крими-драма. Фон Борис вели дека во овој период Берлин е „магичен космополитски град што ги привлекува сите“. Градот е котел каде што врие од работници, претприемачи, уметници, криминалци и пропаднати таленти. Кафеаните работат постојано, а метрото поминува на секои 2 минути.

Тиквер објаснува дека приказната е дефинирана од политичката состојба, до која доведуваат невработеноста, инфлацијата и неизвесноста на валутата, постојаните протести и полициски интервенции, но и се поголемиот крик на масите за потребата од диктатор.

Сиромаштијата на пролетеријатот и луксузот на богатите најдобро се отсликуваат преку ликот на дактилографката Шарлот, која дополнително заработува и како проститутка. Неконвенционалниот Рат го доживуваат како аутсајдер во полицијата во која веќе почнуваат да се примаат нацисти.

Детално продуцираната ТВ-серија е важна бидејќи се смета за германски одговор на успешните американски серии, што ги гледаме на платформи како Нетфликс. Со буџет од 40 милиони евра, и со 190 дена снимање, се надминува и техничкиот предизвик да се организираат 3.000 улоги и речиси 5.000 соработници во продукцијата. Некои сцени се снимани и во исто време, со еден режисер на едно место и друг на друго.

Серијата премиерно е прикажана на 13 октомври 2017 година на платениот ТВ-канал Скај 1, а потоа и на Нетфликс. Приказната е јасна – треба да се реши случај. Но, во неа има и детективи, комесари, виновни и невини, мажи и жени што се надмудруваат, и сите потребни елементи, заклучува Тиквер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот