На гробиштата во Камник трева до колена, од АД „Бутел“ тврдат редовно се коси

Службите се постојано на терен и косат етапно парцела по парцела, со што би се постигнало убаво уредување на просторот на гробиштата.

Граѓани се жалат дека гробиштата Камник не се одржуваат редовно, дека тревата не е искосена и не може да се помине по патеките меѓу гробовите. Тие на социјалните мрежи реагираат дека гробните места што ги купуваат се многу скапи, дека секоја година редовно плаќаат за одржување, а дека одржувањето е катастрофално.

– Страшно е, сами сечевме израснати диви дрвја и косевме трева за да направиме помен. Кога ги замоливме да го исечат дрвото под гробот, ни рекоа дека немаат пила. Срамота – вели граѓанин кој неодамна се соочил со вакви проблеми при посетата на гробиштата во Камник.

Од АД „Бутел“ под чија надлежност, освен во Бутел, се и гробиштата Камник и во Ѓорче Петров, тврдат дека ова не е точно и дека редовно се коси тревата и се одржува хигиената.

– Просторот на градските гробишта редовно се одржува, а тоа вклучува косење трева, расчистување смет, миење и слично. Во пролетниот и летниот период, а оваа година и поврнежлив, тревата релативно брзо расте. Службите се постојано на терен и косат етапно парцела по парцела, со што би се постигнало убаво уредување на просторот на гробиштата. Акциите за косење трева се спрoвeдуваат во текот на целата година, па со ист и забрзан континуитет ќе се продолжи во текот на летото – објаснува Тони Зајков, в.д. генерален директор на АД „Бутел“.

Според него, на гробиштата има доволно контејнери и канти, кои се во впечатлива жолта боја, поставени на повеќе локации. Претпријатието поседува две специјални возила, со кои отпадот редовно се расчистува. Гробиштата се подготвени за посета за Задушница, но, сепак, одржувањето на самото гробно место е обврска на сопственикот на гробот.

– Просторот на гробиштата е спремен за одбележување на претстојниот празник, но чистотата на самото гробно место е задолжение на старателите односно носителите на гробното место. Замолуваме да не се фрлаат отпадоци на секој ќош или покрај секое дрво, во случај да се забележи смет слободно да се обратат на нашите служби, кои веднаш ќе интервенираат – вели Зајков.

Се уредува просторот пред градските гробишта пред Духовден

Јавните градски претпријатија на Град Скопје, по претходна координација на градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, отпочнаа голема акција за подобрување на условите околу градските гробишта по повод претстојните празници Задушница и Духовден.

Во акцијата се вклучени пет јавни градски претпријатија и Општина Бутел со своја механизација и човечки ресурси.

Според најавите, ЈП „Комунална хигиена“ во соработка со ЈП „Дрисла“ организираа акција за расчистување на депониите лоцирани на потегот од улица Боца Иванова, преку Лазар Трповски вклучувајќи го и паркингот, до улицата Александар Урдаревски. ЈСП „Скопје“ ќе ја замени старата автобуска постојка со нова конструкција на стојалиштето. ЈП „Улици и патишта“ ја одбележува хоризонтална сигнализација на големиот паркинг пред градските гробишта, додека пак ЈП „Паркови и зеленило“ ќе се погрижат околу одржувањето на зелените јавни површини и уличните тревници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот