На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се одржа палимпсестен портрет на академик Луан Старова

Благодарност од името на семејството на научната конференција упати Гзиме Старова / Фотографија: Маја Аргакијева

Меѓународна научна конференција на тема „Луан Старова – писател и истражувач“ се одржа на 8 ноември на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на која беа изложени повеќе реферати посветени на книжевната, научноистражувачката и дипломатската дејност на академик Луан Старова (1941-2022).

Домаќини на конференцијата беа Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Катедрата за албански јазик и книжевност и Катедрата за романски јазици и книжевности. На тема „Луан Старова – писател и истражувач“ беа изложени поздравни говори и научни реферати на триесетина научници од областа на книжевноста.

На свеченото отворање на конференцијата, поздравна реч одржа проф. д-р Биљана Ангелов, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а со поздравни говори се обратија и проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет, проф. д-р Исмет Осман, раководител на Катедрата за албански јазик и книжевност, проф. д-р Јоана Хаџи Лега, раководителка на Катедрата за романистика, беседа за Луан Старова одржа академик Влада Урошевиќ, а поздравен говор одржа и академик Абдулменаф Беџети.

На конференцијата беше присутно и потесното семејство, а благодарност до сите присутни упати Гзиме Старова, сопруга на Луан. Конференцијата ја збогати музичкиот настап на „Дуо Шкупи“, во кое членуваат Јета Старова Мемети и Ермал Мемети.

Поздравен говор на проф. д-р Биљана Ангелов, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Во својата поздравна реч ректорката Биљана Ангелова истакна дека академик Луан Старова изврши голема мисија за нашата културна и општествена афирмација во светот, не само преку своите извонредни и монументални дела, туку и преку сета своја дејност на мислител, двигател, културен деец, истакнат општественик од кого истекуваа „златни реки“ пораки и поуки оти беше вистински визионер со јасно поставена мисија.

– Академик Луан Старова е грандиозен автор на светската „мапа“, кој ја афирмираше нашата книжевност и култура во светот, и како автор, и како универзитетски професор и научник, и како угледен амбасадор, дипломат од висок ранг. Репрезентативен, со извонредна мисија за афирмација на македонската книжевност, наука и култура во светот, автор полиглот што твореше на извонреден албански, македонски и француски јазик – заклучи проф. д-р Биљана Ангелова.

Деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, во својот говор ги истакна сите аспекти на творечката, научно-истражувачка и дипломатска личност на академик Луан Старова.

– Луан Старова како писател и истражувач, не може темелно да се анализира и проучува без да се има предвид Луан Старова како мислител и педагог, експерт за француската и франкофонските книжевности и книжевни идеи, но и темелен познавач на сите балкански книжевности, преведувач на плејада други автори, но и самопреведувач, поливалентен писател едновремено вгнезден во две и повеќе култури, дипломат во земји од три континенти (Тунис, Палестина, Франција, нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија, прв македонски претставник во УНЕСКО) и докажан културен деец со космополитски визури, поет и еден од најактивните медијатори со голем број поетски традиции преку неуморните активности во СВП, личен пријател на поетите што ги приопштува низ препевите, но и личен пријател на неговиот преведувач на француски, амбасадорот Патрик Крисман, потоа, патописец и новинар, уредник и семеен хроничар, луциден соговорник и пријател на реномирани интелектуалци и творци од различни меридијани (од Амин Малуф и Едгар Морен до Исмаил Кадаре и Предраг Матвеевиќ), ангажиран интелектуалец со меѓународни хоризонти и член на четири академии (редовен член и потпретседател на МАНУ, почесен член на ААН, член на Европската академија на науките и уметностите и на Медитеранската академија), загрижен аналитичар на бремето на историското како во балкански така и во поширокиот контекст, но и суптилен опсерватор на човековата природа преку уметничкиот дискурс – истакна Мартиновски.

Со научната конференција Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и УКИМ достојно ја одбележаа творечката, научноистражувачка и дипломатска дејност на академик Луан Старова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот