На денешен ден – 24 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

41.- Убиен е римскиот цар Гај Јулиј Калигула. Тој во текот на владеењето од 37 до 41 година искажа бруталност, самоволие и нечуено расипништво. Кога воведе неподносливо високи даноци и се сврте против Сенатот и војската, дури и против командантите на сопствената преторијска гарда, беше убиен. Сенатот потоа за цар го прогласи неговиот чичко Клаудиј Тибери Друз, кој е запаметен како ретко добар владетел.

76.- Роден е римскиот цар Публиј Елиј Хадријан, кој во текот на владеењето од 117 до смртта во 138 година, увидувајќи дека Римското царство слабее, ги утврди границите во југозападна Германија и Британија. На северната граница на провинциите во Британија, помеѓу заливите Клид и Фрот, го подигна т.н. Хадријанов бедем кој требаше да ги штити од нападите на Пиктите и Шкотите. Подгина повеќе градови, од кои најважниот е Хадријанов град во Тракија. Беше голем почитувач на грчката култура и покровител на уметноста, пишуваше стихови, вајаше и сликаше.

1712.- Роден е Фридрих Втори Велики, пруски крал (1740-1786), војсководец, филозоф и писател. За време на неговото владеење од малата Прусија создаде велесила. Најпознати му се делата „Мемоарите на Бранденбуршката династија“ и „Историјата на Седумгодишната војна“. Умре на 17 август 1786 година.

1732.- Роден е францускиот писател Пјер Огистен Карон де Бомарше, предвесник на Француската револуција. Смело ги критикуваше подмитувањето на судиите и корупцијата. Дела:  автобиографското дело „Мемоари“, комедиите „Севилскиот бербер“, „Фигаровата женидба“ кои беа инспирација за Џоакин Росини и Волфганг Амадеус Моцарт да ги компонираат истоимените опери.

1746.- Роден е шведскиот крал Густав Трети, кој од стапувањето на престолот во 1771 година до насилната смрт во 1792 година, владеел со цврста рака, но бил и голем покровител на уметноста. Војувал против Русија од 1788 до 1790 година и неуспешно се обидел да го заземе Петрогард. Инспириран од атентатот врз него во Стокхолмската опера во март 1792 година, Џузепе Верди ја напиша операта „Бал под маски“

1776.- Роден е Ернест Теодор Хофман, германски писател, композитор, цртач, судија и професор по музика. Со своите новели убедливо го отслика животот на соништата, хипнозата, телепатијата и стравот. Од нив се инспирираше и композиторот Жан Офенбах за својата позната опера “Хофманови Приказни”. Хофмановите дела влијаеа врз многу други автори, меѓу кои се и Балзак, Едгар Алан По, Франц Кафка и други. Умре на 26 јуни 1882 година.

1848.- Џејмс Маршал во Калифорнија пронајде наоѓалиште на злато. Прочуената „Златна треска“ почна во декември истата година кога извештаите за пронаоѓањето на жолтиот метал ги потврди претседателот на САД Џемјс Полк.

1851.- Умре Гаспаро Спонтини, италијански композитор. Роден е на 14 ноември 1774 година.

1915.- Британски воени бродови во Првата светска војна во Северно Море го потопија германскиот крстач „Bliher“ во кој загинаа 870 луѓе.

1920.- Умре италијанскиот сликар и вајар Амедео Модиљани, чии дела се препознатливи единствено по издолженоста на фигурите. Во Париз живееше од 1906 година и е еден од најзначајните претставници на „Париската школа“. Најмногу сликаше женски актови и портрети, а во младоста се бавеше со скулптура во која се чувствува црната пластика.

1922.- Во Смитфилд, Јужна Каролина, е родена Ава Гарднер, една од легендите на Холивуд. Зад себе остави речиси 60 филмови и незаборавни улоги во делата како што се “Сонцето повторно се раѓа”, “Ноќта на Игуана”, “Могамбо”, “Босонога контеса” и други. Умре во Лондон на 26 јануари 1990 година.

1924.- Престолнината на царска Русија – Петроград доби ново име – Ленинград, во знак на сеќавање на Ленин, таткото на Октомвриската револуција која почна во Петроград. Името Ленинград градот го носеше до 1991 година. Првиот назив на градот беше Санкт Петербург и Петербург (до 1914), а до 1924 година Петроград. Од 1991 година го носи првото име Санкт Петербург.

1929.- Во Софија умре Васил Главинов, еден од првите организатори на социјалистичките идеи и организатор на работничкото движење во Македонија, поборник за балканска федерација. Во 1894 година во Велес формира читалиште, односно прво просветно работничко друштво, а во 1896 година, во Софија, македонска социјалистичка група. Ги издаваше весниците “Револуција”, орган на македонските револуционери – социјалисти во Бугарија, “Политическа слобода”, всушност продолжение “Револуција”, но со појасна и поправилна програма, како и низа прогласи и брошури, што конспиративно ги префрлуваше во Македонија. Учествуваше на Првата балканска социјалистичка конференција во Белград, во 1910 година. Роден е во Велес, околу 1869 година.

1935.- Во Софија излезе првиот број на неделното списание за историја, наука, култура и литература „Македонски вести“, чиј уредник и сопственик беше Ангел Динев, македонски општественик и публицист. Списанието си постави за задача „да ја изнесува историјата на народното македонско ослободително движење“ и беше на страната на ВМРО (обединета).

1937.- Склучен е југословенско-бугарскиот „Пакт за вечно пријателство“. Бугарија не сакаше да пристапи во Балканскиот пакт кој гарантираше неповредливост на границите, но овој договор го потпиша.

1946.- Со решение на Министерството за народна просвета на Македонија првата македонска граматика е одобрена за учебник во средните училишта. Нејзин автор беше професорот Круме Кепески.

1965.- Во Лондон умре Винстон Леонард Спенсер Черчил, британски политичар, државник и писател. Во најтешките денови за Англија, во Втората светска војна, беше претседател на владата и водач на Конзервативна партија. Заедно со Сталин и Рузвелт даде решавачки придонес за победата над фашизмот и над силите на Оската. Негови познати дела се “Втората светска војна”, “Моето африканско патување”, “Историјата на светската војна” и други. Во 1953 година ја доби Нобеловата награда за литература. Роден е на 30 ноември 1874 година.

1972.- Јапонскиот војник Шјоичи Јокои е откриен на пацифичкиот остров Гуам, каде 28 години се криеше во џунгла, убеден дека Втората светска војна се уште трае.

1973.- Американскиот преговарач Хенри Кисинџер изјави дека Виетнамскиот мировен договор склучен на мировните преговори во Париз ќе значи крај на борбите во Лаос и Камбоџа, а преговарачот Ханој Ле Дук То документот го опиша како „голема победа за виетнамскиот народ“. Борбите во Виетнам завршија на крајот на април во 1975 година со ослободување на Сајгон и со американска воена катастрофа.

1983.- Во Лос Анѓелес умре Џорџ Кјукор, познат американски режисер. Автор е на многубројни филмови кои влегоа во антологијата на светската кинематографија, меѓу кои се најпознати „Вечера во осум“, „Плинска светлина“, „Ѕвездата е родена“ и други. Роден е во Њујорк, на 7 јули 1899 година.

1986.- Герилците на Армијата на националниот одбор на поранешниот министер за одбрана на Уганда Јовери Мусевени влегоа и го зазедоа во целост главниот град Кампала. Бидејќи неговите сили го скршија отпорот на владините трупи и ја тргнаа владата на генералот Тито Окело, кој на власт дојде по воениот пуч со кој во јули 1985 година е соборена владата на Милтон Оботеа, Окело побегна во Судан, а Мусевени на 29 јанаури беше прогласен за нов шеф на државата.

1989.- Во рудник за злато во Перу загинаа околу 100 рудари, од кои највеќе беа задушени од отровен гас.

1991.- Во Скопје, во издание на НИП „Нова Македонија“, излезе првиот број на независниот македонски неделник „Пулс“.

1996.- Варшавскиот воен обвинител официјално ја отвори истрагата врз претседателот на владата на Полска Јузеф Олексиј, поради негова наводна шпионска активност за сметка на Москва, што дополнително се покажа како лажно обвинение заради елиминација на политичките противници од страна на полскиот претседател Лех Валенса.

1996.- Во Тамсон Јаус, Вест Довер, САД, умре Стојан Христов, американски писател, новинар и публицист, од македонско потекло, почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Меѓу другото, автор е на книгите „Херои и убијци“, „Ова е мојата земја“, „Лавот од Јанина“, „Американски аџилак“, „Орелот и штркот“ и други. Роден е во селото Кономлади, Костурско, на 18 август 1898 година.

1998.- Во експлозија која предизвика пожар во окно во рудникот за јаглен Вангѓиајинг во кинеската провинција Лиаонинг загинаа 77 луѓе.

1999.- Јорданскиот крал Хусеин потпиша декрет со кој постариот син Абдулах го одреди за наследник на престолот.

2004.- Американскиот вселенски робот „Опортјунити“ се спушти на Марс – три недели по „браќата близнаци“ роботот на „Спирит“ кој четири часа подоцна почна да испраќа слики на Земјата.

2007.- Умре полскиот писател и новинар Ришард Капушчињски. Повеќе пати беше кандидат за Нобелова награда за книжевност. Тој е веројатно еден од напреведуваните полски автори. Книгите му се објавени на дури 30-ина јазици. Роден во 1932 година во Пинск (денеска Белорусија). Се прослави со репортажите за Конго кон крајот на педесеттите. Во текот на бројните престои во Африка, Јужна Америка и во Азија беше сведок на повеќе граѓански војни, револуции и смени на режими. Дела: „Еден ден живот“, „Фудбалска војна“, „Цар“, „Шахиншах“, „Лапидариум“, „Империја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот