На Брзата помош ѝ треба итна помош: Цело Скопје ,,турка” во пандемија, со само седум екипи!

Амбулантно возило / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во цело Скопје има само седум екипи на Брзата помош, па затоа се случува граѓаните со часови да чекаат да се ослободи екипа којашто ќе му помогне на нивниот болен дома.

Ни пандемијата со ковид-19 не предизвика чувство кај надлежните дека има ургентна потреба да вработат повеќе лекари во оваа есенцијална служба за здравјето на граѓаните. Доктор Милица Бубало, раководителка на службата за итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, за Слободен печат вели дека во јануари добиле дозвола од Министерството за здравство за нови вработувања во службата, но дозвола од Министерството за финансии уште немаат. Taa во телефонски разговор за Слободен печат потврди дека моментално функционираат со само 7 екипи.

Додека министерствата споро ги процесуираат овие барања, граѓаните чекаат. Во одреден период се случува да има 12 покани за ковид-пациент и иако седум екипи се веќе на терен, другите пет пациенти се ставени на чекање. Тоа што Брзата помош нема доволно луѓе во време на пандемија е причина и граѓаните да не можат да ги викнат да им дадат инфузија дома и мора да се обратат во приватна служба и да платат од џеб за услугата.

– Ако бараат инфузија на своја рака, не сме должни да им аплицираме инфузија на ковид позитивните пациенти зашто ниеден од колегите не ординира таква терапија по правило. Ние во моментот немаме доволно екипи. И на почетокот ставот на колегите е ампуларната терапија да се ограничи на болнички услови. За дома има таблетарна терапија, ни рече доктор Бубало.

Уште еден проблем за граѓаните е тоа што откако пациентот ќе побара да биде однесен на преглед во ковид-амбуланта со возило на итната помош, за тоа мора да има упат од матичен лекар.

– Ако не е критичен и ако треба да се прегледа од инфектолози и специјалисти, матичниот мора да даде упат. Само кога е критичен, брзата помош го носи и го најавува во болниците. Критичен е кога е ниска сатурацијата и кога се влошува состојбата. Ако се чувствува исцрпен од температурата, а бара да го прегледа инфектолог, како што се случува, тоа мора да оди преку матичен доктор. Не сме приклучени на Мој термин и не можеме да ги договараме термините кога ќе биде слободна инфективната амбуланта. А може да му направиме транспорт, имаме возила само за транспорт, вели доктор Бубало.

И Брзата помош и болниците имаат протоколи како работат со ковид позитивни пациенти. Прво се носи пацинетот во ковид-амбуланта, каде му се земаат анамнестички податоци, прегледи и анализи, за понатаму да се утврди каде ќе биде транспортиран ако има потреба за болничко лекување. А ова не е брз процес, па возилата на итната помош често пати чекаат пред амбулантите инфектологот да заврши со претходните пациенти што исто така се на мака. Овие протоколи важат од почетокот на пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот