На 4.210 граѓани што треба да одат во пензија им е загубен дел од стажот

Пензионери/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Ревизорите констатираат дека пензискиот стаж главно недостига за ликвидирани форми, за кои нема целосна документација во Државниот архив.

Со вознемирувачка реалност се соочуваат дел од граѓаните што исполнуваат услови за пензија, а на кои целиот пензиски стаж не им е заведен иако придонесите се уредно плаќани. Според Државниот завод за ревизија, заклучно со 17 јуни 2019 година (кога е правена ревизијата), дупки во пензискиот стаж имаат 4.210 граѓани што ја постигнале возраста за пензионирање.

Државниот ревизор смета дека овој тренд ќе расте во иднина.

„Неможноста за потврдување на податоците за стаж во одреден период во минатото поради некои слабости и законските решенија за начинот на утврдување на стажот како основа за признавање на правото и за висината на пензија, го нарушуваат и го доведуваат во прашање остварувањето на личните материјални долгорочни права од ПИО – пред сè остварување пензија на дел од осигурениците што немаат механизми за докажување платен придонес за периодот во осигурување“, пишува во Извештајот за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ревизорите констатираат дека пензискиот стаж главно недостига за ликвидирани форми, за кои нема целосна документација во Државниот архив.

Работела во една фирма, а стажот ѝ го пронашле во друга

„Слободен печат“ разговараше со сметководител што работи на комплетирање на пензискиот стаж на оние на кои им недостасува.

– Многу често граѓани доаѓаат со поплака дека не можат да го комплетираат стажот. И тоа, не само оние што се пред пензија, туку и вработени што во извештаите од ПИОМ што сега според закон редовно се дистрибуираат, забележуваат „дупки“ во стажот. Но, како еден посебно впечатлив пример би го раскажала примерот со мојата колешка од работа. Јас лично со години сум ги носела документите за плата и за пензискиот придонес. Кога дојде време за нејзино пензионирање, ни рекоа дека воопшто нема податок дека таа била вработена во нашата фирма. Тогаш почна мојата потрага што се случило со документите на колешката. По долго пребарување, некако преку матичен број ја пронајдовме како да била вработена во сосема друга компанија, во која таа никогаш не работела. Овој случај сè уште не е довршен, односно се води постапка за да ѝ се среди стажот на жената – вели сметководителот.

Сметководителот објаснува дека во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за посложени случаи „се добива“ вработен што ќе работи на тој случај.

– Моето искуство од Фондот е дека се сè одвива многу бавно и хаотично. За вработената што ја добив за еден од последните случаи, ми рекоа дека нема да биде на работа еден месец. По упорно инсистирање добив друг вработен, но затоа што случајот бил многу комплициран, требало да се вклучи уште еден вработен, а и тој ќе бил отсутен подолг временски период… – раскажува нашиот соговорник.

Фирмите им „скратиле“ на вработените 175 милиони евра за придонес

Но, покрај „загубените“ документи за пензискиот придонес кога тој се уплаќал, Државниот завод за ревизија утврдил дека фирмите не им платиле на вработените 175 милиони евра за придонеси. Притоа, 106 милиони евра се ненаплатени придонеси до 31.12.2008 година. Дотогаш, фирмите посебно уплатувале плата, а посебно придонеси. Во тој период, познато е дека многу вработени биле изманипулирани, односно им биле исплатувани платите, а без нивно знаење, не им бил уплатуван пензискиот стаж. Поради тие проблеми, од 1 јануари 2009 година е воведен системот бруто-плата, кој подразбира дека платата не може да биде исплатена без да бидат уплатени пензискиот и здравствен придонес. Но, и од 1.1.2009 година до 30.9.2018 година имало ненаплатен придонес од 69 милиони евра. Најголем дел од овие побарувања се однесуваат на фирми што се во ликвидација или стечај, или чии сметки се блокирани и се во мирување. Дел од овие средства поради ненаплатливост се избришани. Станува збор за отпис од 19,5 милиони евра само во 2018 година, забележува државниот ревизор. Во извештајот е наведено и дека побарувањата врз основа на ненаплатен придонес застаруваат за 10 години, што значи дека оние што беа пред концептот бруто-плата, веќе се застарени на 31.12.2018 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот