На 31 локациja во Градски парк ќе се продава кафе, сладолед и пуканки

За предложената одлука Советот на Град Скопје треба да се изјасни на седницата закажана за 25 јули, а од Градот сметаат дека со поставување на подвижните апарати и објекти во парковите низ градот и на кејот на Вардар ќе се зголеми посетеноста на овие простори.

Зголемен е бројот на барања од граѓаните за поставување подвижни киосци и апарати за продажба на кафе, сокови, сладолед и за други угостителски услуги во парковите низ Скопје. Поради тоа, Град Скопје утврди 43 локации за користење на просторот во Градски парк, паркот на природата Гази Баба, СРЦ „Сарај“, Рајски парк во Ново Лисиче и на кејот на реката Вардар, каде ќе можат да се поставуваат подвижни објекти, подвижни апарати и други направи.

На просторот на Градскиот парк предвидени се 31 локација, од кои 28 се постоечки локации, во паркот на природата Гази Баба предвидени се 3 локации, во СРЦ „Сарај“ 4 локации, во Рајски парк во Ново Лисиче предвидени се 2 локации и на кеј на река Вардар предвидени се 3 локации за поставување на подвижни апарати и подвижни објекти, наменети за продажба на сладолед, направи за продажба на пијалоци и други производи, направи за приготвување на пуканки, шеќерна волна и крофни и слични направи – се вели во образложението на одлуката предложена до Советот на Град скопје, за која советниците ќе треба да се изјаснат на седницата на 25 јули.

Од Градот сметаат дека со поставување на подвижните апарати и објекти на предложените локации ќе се зголеми посетеноста на овие простори. Сепак, објектите и апаратите што ќе се поставуваат треба да имаат дизајн и изглед кој нема да го нарушува амбиентот на околината каде се поставени, а максималната површина на локацијата на која се поставува урбаната опрема треба да е до 16 метри квадратни во која се опфатени подвижниот објект,апарат или друга направа, манипулативниот простор и урбаната опрема, односно корпата за отпадоци. На урбаната опрема, според предложената одлука може да се поставуваат рекламни натписи само на предниот дел на опремата и нивната површина ќе се засметува во вкупната висина и широчина на подвижниот објект.

Конкретните услови, начинот и постапката за користење на локациите за поставување на урбаната опрема ќе се утврдуваат на јавен повик кој ќе го објави градоначалникот на Град Скопје. Локациите на оние кои поднеле барање и ги задоволуваат условите од јавниот повик ќе им се доделуваат по принципот – прв дојден, прв услужен.

Доколку советниците ја прифатат предложената одлука таа ќе почне да важи откако ќе биде објавена во „Службен гласник на Град Скопје“. Постапките пак за издавање одобренија за поставување урбана опрема започнати пред влегувањето во сила на оваа Одлука, ќе се завршат според одредбите на одлуката донесена минатата година, додека пак постојните издадени одобренија за поставување урбана опрема ќе се применуваат до истекот на рокот за кое се издадени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот