МЖСПП: Скопје не е најзагаден град во светот, а прогласените аларми траат сè додека не се објави дека завршиле

Загадување во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Загадување во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

И во 2023 година прагот за алармирање за загадување со ситни честички ПМ10 останува ист како и во 2022 година – пред да се преземат мерки треба два дена по ред среднодневната вредност да надминува 150 микрограми на кубен метар воздух, а од УХМР да има прогноза за стабилно време без ветер, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање. На порталот за квалитетот на воздухот на МЖСПП тие ги објавуваат градовите во кои е постигнат прагот на алармирање и се смета дека алармот важи и во секој нареден ден сè додека не се објави информација дека е прекинат. Така, вчера беше објавена информација дека е постигнат условот за алармантна состојба во Кичево, а не беа споменати останатите градови каде преходно е прогласена алармантната состојба, како на пример, Струмица, која е во епизода со прекумерно загадување веќе 14 дена без прекин. Од денеска е прогласен аларм во Битола, каде на станицата Битола 2 завчера средната вредност на честички изнесуваше 163, а вчера дури 207 микрограми на кубик воздух, а се очекува да биде прекинат во Гостивар, каде вчера среднодневната вредност беше 118 микрограми на кубик.

– Ако во еден град е прогласена алармантна состојба, таа трае сè додека не биде објавена информација дека е прекината. На нашиот сајт за квалитетот на воздухот ги објавуваме само градовите каде почнала алармантна состојба. Струмица не е објавена како загаден град, но се подразбира, затоа што не е објавено дека таму алармот е прекинат – објаснуваат од Министерството за „Слободен печат“.

Мерната станица во Штип исто така веќе со денови покажува дека овој до скоро чист град сега има загаден воздух. Ако станицата беше дел од Државниот автоматски мониторинг систем, во Штип веќе ќе мораше да се превземат мерки, затоа што е исполнет условот за аларм – завчера средната вредност на ситни честички беше 196 микрограми на кубик воздух, а вчера 157. Но, штипската станица не е дел од државниот мониторинг, туку е проект на Универзитетот „Гоце Делчев“, па Министерството не може во овој град да прогласи алармантна состојба. Но, додаваат, тоа не ја спречува Општината Штип да ја следи состојбата кога веќе имаат мерна станица и да превзема локални мерки за расчистување на воздухот.

– Во повече градови има поставени разни сензорски мерачи за следење на загадувањето, но тие сензорски мерачи се само индикативни. Тие се преосетливи и имаат висок степен на неточност за тоа каков е квалитетот на амбиентниот воздух. Може на пример во близина на сензорот да чади некое возило и тој да покаже високо аерозагадување на амбиентниот воздух, а тоа да не е случај, туку да се работи за преосетливост на инструментот. Не е дека не веруваме дека е загадено во Штип и на други места, загадено е, туку мерењето не е соодветно. Нашите мерни станици, кои се дел од Државниот автоматски мониторинг-систем се стандардизирани според европските стандарди, тие се дел од ЕИОНЕТ-мрежата со која разменуваат податоци во реално време за клвалитетот на воздухот во цела Европа – велат од Министерството за животна средина.

Во врска со рангирањето на некои сајтови, како IQAir кои синоќа го сместија Скопје на врвот, како најзагаден град во светот со индекс на загадување од 208, од МЖСПП велат дека загадувањето во Скопје деновиве е намалено под прагот на алармирање, а на некои места е и под прагот на информирање.

– Ние не се раководиме според индекс на загадување, ние имаме Уредба за квалитетот на воздухот во која се пропишани прагови на информирање и на алармирање и тие се одредуваат според среднодневната вредност на ситните честички, а не според часовните вредности – велат во МЖСПП.

Во врска со мерните станици во Куманово и во Гевгелија, кои не праќаат информации за загадувањето на сајтот, надлежните велат дека дел од кумановската станица е на сервис, а со гевгелиската уште трае усогласувањето со новуит сервер и сè уште не можат да влечат податоци.

Од граѓанската О2 иницијатива реагираа дека Министерството не ги објавува градовите каде има алармантна состојба со прекумернио захадување со ПМ10.

– Струмица е во алармантна состојба од 24 декемрви до денес, без престан, но МЖСПП ја објавила само алармантната состојба за 24.12.2022?! Не се објавени алармантните состојби за Скопје за 25 и 26.12.2022, за Тетово од 23 до 25.12 и 27-28.12.2022, за Гостивар за 3 и 4.1.2023 и Битола за 2.1.2023 и дене, 5.1.2023. Министерство за животна средина, важно е да се знае каде и кога се надминати праговите за алармирање граѓаните и институциите соодветно да си преземат мерки – реагираше утрово О2 иницијатива на „Фејсбук“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот