МЗ: Досега 28 лица примиле „трикафта“, лекот етапно ќе го примат сите пациенти

https://www.trikafta.com/ Фото: Принтскрин

Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за Универзитетската клиника за детски болести се однесува на работењето на клиниката за 2022 година и првиот квартал од 2023 година, се наведува во соопштението на Министерството за здравство (МЗ).

Од Министерството посочуваат дека досега 28 лица примиле „трикафта“ и дека лекот етапно ќе го примат сите пациенти.

„Условниот буџет што Клиниката за детски болести го доби на 9.02.2022 година од ФЗОРСМ, за третман на пациентите со цистична фиброза со лекот „трикафта“, изнесуваше 140.000 000,00 денари и беше наменет за третман на осум пациенти. Во рамките на истиот буџет, беа вклучени уште четири пациенти, со нова согласност од Фондот од 06.03.2023 година. Третманот на првата група од осум пациенти беше за 11 месеци, а за втората група од четворица пациенти, за 10 месеци“, пишува во соопштението.

Како што се додава, на 9.11.2023 година, Клиниката побара и доби согласност од Фондот од 15.11.2023 година за дополнителен условен буџет во висина од 100 000 000,00 денари за 102 дозажни форми на лекот, со кои ќе може да се продолжи третманот кај дванаесeтте пациенти и да се почне третман кај 39 нови пациенти, во тек на два месеца. Клиниката во преговори со ФЗОРСМ, побарала да се обезбедат средства за континуиран третман со „трикафта“ на сите вклучени пациенти во текот на 2024 година.

„На 24 ноември 2023 година, Владата на Република Северна Македонија одобри 854 милиони денари – 13 милиони 800 илјади евра, за набавка на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза за следните две години. Ова се дополнителни финансиски средства на веќе одобрените од Министерството за здравство“, се појаснува во соопштението на МЗ.

Од Министерството нагласуваат оти не постои субјективизам при изборот за лекување на пациенти со цистична фиброза. Листата на пациенти била направена од работна група во Министерството, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.

„Досега 28 пациенти го примиле лекот, тие етапно се вклучуваат на терапија и сите пациенти ќе го примат лекот „трикафта“. Овој лек е безбеден, одобрен од Европската медицинска агенција и ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив“, се истакнува во соопштението.

Согласно препораките добиени од ДЗР, како што се нагласува, Клиниката презема мерки и активности за нивна реализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот